НБРМ: Капитално финансираното пензиско осигурување со побрз раст од банкарскиот и осигурителниот сектор

8

Капитално финансираното пензиско осигурување оствари значително побрз раст во однос на банкарскиот систем и осигурителниот сектор, беше нагласено на Советот на Народната банка на Република Македонија, којшто ја одржа својата десетта седница.

Учеството на капитално финансираното пензиско осигурување во активата на финансискиот систем изнесува 7,3%, а во БДП 6,4%. Осигурителниот сектор е третиот најголем сегмент на финансискиот систем, со учество од 3,6% во вкупните средства на финансискиот систем и 3,1% во БДП.

Стабилноста на финансискиот систем е условена од стабилноста на банкарскиот сектор како негов доминантен сегмент, каде пак се концентрирани заштедите на нефинансискиот сектор. Активата на банкарскиот систем достигна 76,1% од БДП и зафаќа 86,8% од вкупните средства на финансискиот систем.

Кредитите на банките за нефинансиските субјекти изнесуваат 48,1% од БДП, а депозитите на банките за нефинансиските субјекти 54,6% од БДП, што оди во прилог на констатацијата за умерена финансиска интермедијација.

Остварувањата на корпоративниот сектор и населението, пред сè, нивниот финансиски потенцијал, нивото на приходи коишто ги остваруваат и нивото на задолженост, имаат директен одраз и врз остварувањата на финансиските институции. Вкупната задолженост на корпоративниот сектор, како кон банкарскиот сектор, така и кон странските доверители, продолжи да расте и достигна ниво од околу 64% од БДП. Останува позитивната оценка за солвентноста на корпоративниот сектор, со оглед на тоа што во 2014 година повеќето показатели за задолженоста на претпријатијата останаа на релативно стабилно ниво.

Поволните поместувања на пазарот на трудот, проследени со подобрување на продуктивноста на трудот, придонесоа за забрзување на растот на финансиската актива и расположливиот доход на домаќинствата, како и на стапката на штедење. Вкупната задолженост на населението продолжи да расте, задржувајќи се на умереното ниво од 21% од БДП, а банкарскиот сектор е главен доверител на домаќинствата. Показателите за солвентноста и ликвидноста се задоволителни. Сепак, растот на нефункционалните кредити на домаќинствата, кој се забележува за прв пат после подолг период, при забрзан раст на кредитирањето, сигнализира можен раст на кредитниот ризик за банкарскиот сектор во наредниот период.

Советот ја разгледа и усвои и Одлуката за изменување на Одлуката за начинот на утврдување поврзани лица. Одлуката се носи заради усогласување со новиот документ за мерење и контрола на големите изложености, којшто е објавен од Базелскиот комитет за банкарска супервизија. Примената на Одлуката ќе овозможи поточно определување на поврзаните лица кога лицата не се поврзани преку контрола, но претставуваат единствен ризик бидејќи се меѓусебно поврзани на тој начин што финансиските проблеми кај едното од нив може да предизвикаат проблеми во отплатата на долговите на другото лице.  Воедно, Одлуката ја воведува и можноста одредени субјекти да не се сметаат за поврзани доколку банката има неспорни докази дека ќе можат навреме да најдат други извори на финансирање или други деловни партнери, со што ќе ги надминат финансиските проблеми предизвикани од поврзаноста со други лица.

Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои и Одлуките за издавање и Одлуките за пуштање во оптек на кованите пари за колекционерски цели Наталија и Олга од серијата Ден на Ангел. Овие ковани пари се со апоен од 100 денари, изработени во 5.000 парчиња.