НБРМ: Конкуренцијата и ликвидноста придонесуваат за олеснување на кредитните услови

48

Факторите поврзани со конкуренцијата од други банки и ликвидносната позиција на банките, во поглед на факторите што влијаат на кредитните услови, придонесуваат за олеснување на кредитните услови, покажува Анкетата за кредитна активност за четвртиот квартал на 2015 година на Народната банка на Македонија.

Од друга страна, во овој период банките укажуваат на влошување на согледувањата за ризикот што доаѓа по два квартала во коишто се одржуваа стабилни согледувања за ризикот од страна на банките.

“Очекувањата за вкупната економска активност, очекувања за перспективата на гранката на којашто припаѓа компанијата, како и ризикот од неизвршување на обезбедувањето според 40% од банките, во просек, придонесуваат за заострување на кредитните услови. Кај останатите фактори од групата поврзана со трошоци на финансиски средства и билансните ограничувања на банките и групата поврзана со притисокот од конкуренцијата не се забележани позначителни поместувања во однос на минатата анкета, при што тие и натаму имаат неутрално влијание врз условите за одобрување на корпоративните кредити“, се вели во Анкетата.

Побарувачката на корпоративни кредити во последното тримесечје од 2015 година бележи натамошно нето зголемување, но умерено посилно во споредба со претходната анкета, при што нето процентот се зголеми од 31 во третиот на 46,2 во четвртиот квартал.

Зголемената побарувачка на нето основа е резултат, како што се наведува, на поголемиот број на банки коишто укажуваат на делумно зголемена побарувачка на сите корпоративни кредити, за сметка на намалениот број на банки коишто укажале на непроменета побарувачка.

Банките и во следниот период очекуваат натамошно нето зголемување на побарувачката на корпоративни кредити.