НБРМ: Личната потрошувачка клучен двигател на растот во третиот квартал

61

Клучен поединечен двигател на растот во третиот квартал е личната потрошувачка, при постојани позитивни движења на пазарот на труд и засилување на кредитирање на домаќинствата, беше истакнато на седницата на Советот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Клучните макроекономски параметри во домашната економија главно се движеа во согласност со проекциите од октомврискиот циклус. Бруто домашниот производ во третиот квартал оствари годишен раст од 3,5%, што е во согласност со октомвриската проекција, иако стапката на раст е малку повисока од очекуваната. За разлика од претходниот период, клучен поединечен двигател на растот во третиот квартал е личната потрошувачка, при постојани позитивни движења на пазарот на труд и засилување на кредитирањето на домаќинствата. Дополнителен придонес за растот на потрошувачката имаа пониските цени на енергентите, преку нивното позитивно влијание врз домаќинствата“, се вели во соопштението.

На седницата, Советот на Народната банка го разгледа најновиот Квартален извештај, при што беше утврдено дека каматната стапка на аукциите на благајничките записи е задржана на 3,25%, во економски и финансиски услови што покажуваат соодветна тековна монетарна поставеност.

Остварувањата во третиот квартал, како и повеќето расположливи високофреквентни податоци за последниот квартал на годината упатуваат на задржување на економијата во зоната на солиден раст, во согласност со октомвриската проекција за раст на БДП од 3,2% во 2015 година.

Проектираниот раст на БДП за 2016 и 2017 година изнесува 3,5% и 4%, соодветно, при што се очекува дека главен носител на растот ќе претставуваат извозниот сектор и инвестициите, коишто ќе дадат позитивни преносни ефекти врз пазарот на труд и дополнително ќе ја поттикнат потрошувачката на домаќинствата.

Во рамки на надворешниот сектор, во третиот квартал од 2015 година на тековната сметка беше забележан суфицит од 142,4 милиони евра, или 1,6% од БДП, што е малку подобра позиција на тековната сметка од очекувањата, при подобро трговско салдо. Истовремено, кај финансиската сметка беа остварени нето одливи од 188,4 милиони евра, или 2,1% од БДП, што првенствено ги одразува зголемените нето обврски врз основа на трговски кредити. Остварените нето финансиски одливи во третиот квартал беа малку повисоки од планираните и беа во согласност со очекувањата за овој период дека дел од трансакциите во платниот биланс ќе бидат финансирани преку девизните резерви.

Сѐ на сѐ, и последните остварувања укажуваат на натамошно одржување на девизните резерви на соодветното ниво, намалени инфлациски притисоци и зајакната кредитна поддршка на економскиот раст од страна на банкарскиот сектор. За 2016 и 2017 година повторно се очекува стапка на инфлација од околу 1,5% и 1,6%, соодветно, а ризиците околу проекцијата се надолни, во услови на постојани надолни корекции на оцените за цените на нафтата и на храната. Сепак, треба да се има предвид дека движењето на цените на примарните производи, покрај условеноста со факторите од привремен карактер, тековно се соочува и со засилените геополитички фактори, со што неизвесноста околу нивната проекција, и во периодот што претстои, ќе биде релативно голема.

Советот ги разгледа и ги усвои Одлуката за критериумите и стандардите за работењето на платните системи и Одлуката за начинот и методологијата на надзор на платните системи со кои се овозможува примена на Принципите за инфраструктура на финансиските пазари, вклучително и на Рамката за обелоденување и методологијата за проценка, коишто се усвоени од Комитетот за системи за плаќање и порамнување при Банката за меѓународни порамнувања и Одборот на меѓународната организација на комисии за хартии од вредност.

Истовремено, се воведуваат пристапот на Европската централна банка за класификација на платните системи во три категории (системски значајни платни системи, значајни платни системи и други платни системи) и соодветните обврски на поединечно класифицираните платни системи во исполнувањето на принципите и соодветните главни барања. Класификацијата на одделниот платен систем зависи од неговото финансиско влијание и навлезеноста на пазарот, како и од неговата улога во порамнувањето на трансакциите од други платни системи или системи за порамнување хартии од вредност. Со примената на оваа регулатива, преку теренско и засилено вонтеренско надгледување, се очекува дека ќе се унапреди ефикасноста и сигурноста на платните системи во Република Македонија.