НБРМ: Над 30% од кредитите на банките за финансирање на потрошувачка на физички лица

21

Повеќе од 30% од кредитната изложеност на банките кон нефинансискиот сектор е наменета за финансирање на потрошувачката на физичките лица, стои во Извештајот на финансиската стабилност во Македонија во 2015 година на Народната банка на Република Македонија.

Под кредитна изложеност за финансирање на потрошувачката на физичките лица ги опфаќа: потрошувачките кредити, негативно салдо на тековна сметка, кредитни картички, автомобилски и други кредити, освен станбени и кредити за деловен простор.

“Каматните стапки за овие кредити се, вообичаено, повисоки во споредба со каматните стапки на станбените кредити или кредитите за корпоративниот сектор, поради што кредитите наменети за финансирање на потрошувачката на физичките лица се привлечни за банките особено во услови на ниски каматни стапки и таканаречената ’потрага по принос’“, стои во Извештајот.

Кредитната изложеност, како што се наведува, кон учесниците на пазарот на недвижности (компании коишто се занимаваат со градежништво и активности во врска со недвижен имот, како и кредитна изложеност кон физичките лица врз основа на кредити за набавка и реновирање станбен и деловен простор) бележи највисока годишна стапка на раст од 13,6%, со што изложеноста е речиси 20%.

“Голем дел од кредитната поддршка за нефинансискиот сектор, се насочува кон трговската дејност, на која отпаѓаат близу 20% од вкупната кредитна изложеност кон нефинансискиот сектор“, стои подолу во Извештајот.