НБРМ: Намалени вкупните нефункционални кредити на банките во третиот квартал

13

nbrm-logo-pocetna

Вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем се намалија за 2%, на квартална основа, што е најмногу резултат на затворањето на нефункционалните побарувања од нефинансиски друштва со преземање средства, коишто биле воспоставени како обезбедување за тие побарувања, беше, меѓу другото, истакнато на седницата на Советот на Народна банка на Република Македонија (НБРМ), на којашто беше разгледан Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал од 2017 година.

Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор забележа извесно квартално намалување од 0,2 процентни поена и достигна ниво од 6,6%. Намалувањето на учеството на нефункционалните во вкупните кредити беше присутно во сегментот на нефинансиски друштва и на 30-ти септември годинава изнесуваше 10,4%, каде што нефункционалните кредити забележаа побрз квартален пад, во споредба со намалувањето на кредитната активност на банките кон овие клиенти. Наспроти тоа, нефункционалните кредити на домаќинствата бележат забрзан раст присутен уште од почетокот на 2017 година, што при истовремено зголемување на пролонгираните кредити и на кредитите кај кои задоцнувањето е помеѓу 61 и 90 дена, укажува на потребата од повнимателно следење и на ова портфолио. Сепак, повисокиот кредитен раст кон домаќинствата го одржува учеството на нефункционалните во вкупните кредити на стабилно ниво од 2,6%, на 30 септември годинава.

Високата покриеност на нефункционалните кредити со издвоената исправка на вредноста од 78,3%, при задоволителен обем и квалитет на сопствените средства на банките ги ограничува ризиците од евентуална целосна ненаплатливост на овие кредити за солвентноста на банките.

Ликвидноста на банкарскиот систем е на задоволително ниво, отсликано преку релативно стабилното учество на ликвидните средства во вкупната актива и задоволителната покриеност на краткорочните обврски и депозитите од домаќинства со ликвидните средства. Во третиот квартал од 2017 година, во услови на забавен раст на вкупните извори на финансирање, ликвидните средства на македонскиот банкарски систем забележаа скромно намалување за -0,5%.  Малиот квартален пад на ликвидните средства предизвика минимално намалување на показателите за ликвидноста на банкарскиот систем, присутно само кај показателите за денарската ликвидност. Наспроти тоа, во третиот квартал од 2017 година, дојде до стеснување на јазот меѓу средствата и обврските според нивната договорна преостаната рочност, во поголем дел од анализираните рочни сегменти, но најмногу во сегментот до седум дена.

Показателите за профитабилноста на банкарскиот систем во првите девет месеци од 2017 година и натаму се на солидно ниво, и покрај оствареното намалување во споредба со истиот период од 2016 година. Добивката на банкарскиот систем забележа пад на годишна основа, за првпат по шестгодишниот континуиран раст, кој беше особено висок во последните неколку години. Намалениот финансиски резултат е последица на зголемениот трошок за исправка на вредноста на финансиските средства, како и на прилично забавениот раст на нето каматните приходи, пред сѐ заради поголемиот пад на нето каматните приходи од нефинансиските друштва, но и позначителното забавување на растот на овие приходи од домаќинствата. Оттука, невообичаено за традиционалниот македонски банкарски систем, во првите три квартали од 2017 година, некаматните приходи на банките, особено нето-приходите од провизии и надоместоци, имаа највисок придонес, од две третини, во растот на вкупните приходи од редовно работење. Сепак, банките и натаму испорачуваат високи стапки на поврат на просечниот капитал и на просечната актива, од 12,6% и 1,4%, соодветно. Воедно, на годишна основа, оперативната ефикасност на банките забележа подобрување, при што оперативните трошоци зафаќаат половина од вкупните приходи од работењето, што претставува подобрување за половина процентен поен.

Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем се зголемија во третиот квартал од 2017 година, што е пред сѐ резултат на растот на капиталните позиции, во услови на прилично скромен раст или дури и намалување на одделните категории активности. Растот на сопствените средства, заради издавањето нови субординирани инструменти, при истовремено намалување на активата пондерирана според ризиците, како последица на помалата кредитна активност со нефинансиските друштва, овозможија подобрување на стапката на адекватност на капиталот до ниво од 16,2%.