НБРМ: Новите кредити на корпоративниот сектор одобрени по просечна стапка од 5,2%

17

Просечната стапка по која се одобрувале нови кредити на корпоративниот сектор во декември изнесува 5,2%, што е значително месечно намалување од 0,5 процентни поени, покажуваат податоците на народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Надолната промена, како што се наведува, е резултат на намалувањето кај сите валутни групи, најизразено кај каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,7 процентни поени), по што следат каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,4 процентни поени) и кредитите одобрени во странска валута (за 0,3 процентни поени).

Просечната каматна стапка на вкупните депозити од корпоративниот сектор е без промени од септември 2016 година и изнесува 2,1%. Споредено со крајот на претходната година, каматните стапки на вкупните депозити на корпоративниот сектор се минимално пониски (за 0,1 процентни поени).

Декемвриската просечна каматна стапка за новопримените депозити од корпоративниот сектор изнесува 1,5% со минимална надолна промена од 0,1 процентни поени во однос на претходниот месец.