НБРМ очекува постепено јакнење на кредитната активност на банките

18

Народната банка на Република Македонија очекува натамошното економско закрепнување да предизвика постепено јакнење на кредитната активност на банките насочена кон корпоративниот сектор. Ова е констатирано на седницата одржана денеска на која е разгледан Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Македонија во третиот квартал. Во Извештајот се истакнува дека почетокот на закрепнувањето на реалниот сектор во текот на 2013 година придонесува за растот на активата и на депозитното јадро на банките. Карактеристично за третиот квартал е тоа што главен носител на растот на депозитите кај банките беше корпоративниот сектор, за разлика од претходните квартали кога тоа беа домаќинствата.Од друга страна, главен носител на растот на кредитирањето и натаму се домаќинствата, додека кредитите кон корпоративниот сектор бележат намалување.

Од НБРМ очекуват дека покрај економското закрепнување кон јакнењето на кредитната активност ќе делуваат и мерките на монетарната политика преземени во претходниот период, коишто се однесуваат на поттикнувањето на кредитната активност, управувањето со ликвидноста од страна деловните банки и развојот на пазарот на капитал.

Покрај овие мерки, се очекува и дополнителната мерка за управување со ликвидносниот ризик да придонесе за зголемувањето на кредитната поддршка на реалниот сектор. Внимателноста при кредитирањето се гледа и во тоа што, во третиот квартал, банките ги насочија половината од новите извори на средства во ликвидни инструменти, што, пак, од своја страна придонесе за натамошниот раст на ликвидната актива и зајакнувањето на ликвидната позиција на банкарскиот систем. Адекватноста на капиталот веќе подолг период е над 17%, што е далеку над законски пропишаниот минимум. Во третиот квартал, почнаа да се чувствуваат ефектите од новата регулатива за третманот на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања, што придонесе за дополнителен раст на сопствените средства на банките.

Во текот на првите девет месеци од 2013 година е забележано мало, но постојано подобрување во показателите за ефикасноста на банкарскиот систем, под влијание пред се на растот на нето каматниот приход и падот на оперативните трошоци. Оставрената добивка на банкарскиот систем во овој период е речиси двојно поголема од добивката остварена во истиот период од минатата година. Банкарскиот систем, во целина, ја задржа својата стабилност и отпорност на шокови. Очекувањата за понатамошните движења се оптимистички и се поврзани пред се со позитивните економски придвижувања и нивниот преносен ефект врз остварувањата на клиентите на банките од реалниот сектор.