НБРМ: Пораст на сомнителните и спорни побарувања на кредити во јануари

26

Во текот на јануари е забележан пораст на учеството на сомнителни и спорни побарувања во вкупните кредити во однос на претходниот месец, од 10,6% на 10,9%. Ова, пред сѐ, произлегува од зголемувањето на сомнителните и спорни побарувања на претпријатијата, при умерен раст и кај населението, стои во соопштението на Народната банка на Македонија.

На годишна основа, како што се наведува, вкупните нефункционални кредити бележат раст, но послаб за разлика од претходниот месец.

Искористеноста на депозитниот потенцијал за кредитирање на приватниот сектор во јануари е зголемена во однос на претходниот месец. Притоа, остварениот сооднос е во рамките на проекцијата за првиот квартал од 2016 година.

По високиот раст на кредитите во декември минатата година, во јануари, вкупните кредити забележаа намалување на месечна основа. Ваквото намалување на месечното ниво на кредитите во целост се должи на намалувањето на кредитите на претпријатијата. Месечното намалување на кредитите не е невообичаено за првиот месец од годината и навестува можна привременост на ваквите поместувања. Кредитите на домаќинствата забележаа умерен месечен раст.