НБРМ: Просечната каматна стапка на вкупните депозити oстанува 1,42%

6

Во март, просечната каматна стапка на вкупните кредити и натаму се намалува и се сведе на 5,26%, што претставува пад од 0,02 п.п. во однос на претходниот месец. На годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,41 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити и натаму е на нивото од 1,42%, без промени во последните три месеци, додека во однос на март минатата година е намалена за
0,06 п.п.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во текот на март, забележа месечно зголемување од 0,08 п.п. и изнесува 4,84%, додека споредено на годишна основа, кај оваа каматна стапка е остварено намалување од 0,08 п.п.

Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 1,42% и на месечна и годишна основа се намали за 0,14 п.п. и 0,05 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор, во март, оствари месечен пад од 0,03 п.п. и изнесува 4,54%. Падот произлегува од намалувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута и на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,02 п.п., соодветно), при непроменета каматна стапка на денарските кредити со валутна клаузула.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити е намалена за 0,49 п.п. во однос на март 2018 година. Во март, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е зголемена за 0,20 п.п. во однос на претходниот месец и изнесува 4,53%. Нагорната месечна промена се должи на зголемувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута и на денарските кредити без валутна клаузула (од 0,64 п.п. и 0,25 п.п., соодветно), при остварен пад кај каматната стапка на денарските кредити со валутна клаузула (од 0,30 п.п.). Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,08 п.п. Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во март, беше непроменета во однос на претходниот месец, односно изнесуваше 1,74%. Во споредба со март минатата година, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор оствари зголемување од 0,05 п.п.

Мартовската просечна каматна стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,11 п.п. на месечна основа и изнесува 1,15%. Притоа, надолната месечна промена произлегува од намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута и на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,17 п.п. и 0,10 п.п., соодветно), при непроменета каматна стапка на денарските депозити без валутна клаузула. На годишна основа, оваа каматна стапка бележи раст од 0,07 п.п. Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата, во март, бележи минимално намалување од 0,01 п.п. и изнесува 6,01%. Месечното намалување произлегува од падот кај сите компоненти на оваа категорија: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула и на кредитите во странска валута (за 0,01 п.п., соодветно). Кај оваа каматна стапка, на годишна основа е забележано намалување од 0,34 п.п.

Во март, просечната каматна стапка на новоодoбрените кредити на домаќинствата изнесува 5,49% и забележа месечен пад од 0,05 п.п. Надолната промена во целост се должи на намалувањето на каматната стапка на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,07 п.п.), во услови на раст на каматните стапки на кредитите во странска валута и на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,19 п.п. и 0,01
п.п., соодветно). Просечната каматна стапка на новоодoбрените кредити на домаќинствата е пониска за 0,07 п.п. во однос на март минатата година.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата петти месец по ред се задржа на нивото од 1,38%. Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,07 п.п.

Во март, просечната каматна стапка на новите депозити на домаќинствата изнесува 1,63%, што претставува месечно намалување од 0,06 п.п. Надолното поместување кај оваа категорија произлегува од промените кај сите компоненти.

Имено, кај каматните стапки на депозитите во странска валута и денарските депозити без валутна клаузула е остварено намалување од 0,13 п.п. и 0,07 п.п., соодветно. Истовремено, каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула во март изнесува 0,76%, за разлика од претходниот месец кога банките и
штедилниците не примиле ваков вид депозити. Анализирано на годишна основа, кај оваа каматна стапка е остварена надолна промена од 0,16 п.п.