НБРМ: Раст на кредитниот пазар во мај

9

Кредитниот пазар во мај забележа солиден раст на кредитите на месечна основа, додека годишната стапка на раст на вкупните кредити е 9,5%, што е над проекциите, меѓу другото, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

“Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за мај покажуваат солиден раст на кредитите на месечна основа, со што се задржува континуитетот на поволни поместувања на овој сегмент. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во мај изнесува 9,5% и е над проекцијата за вториот квартал на 2015 година. Во однос на депозитниот потенцијал, во мај е остварен месечен пад на вкупните депозити, како резултат на падот на депозитите на претпријатијата и на депозитите на населението. И покрај месечното намалување на депозитната база, коешто е вообичаено во овој период на годината, на годишна основа вкупните депозити продoлжија да растат, со годишна стапка на раст од 8,4%. Сепак, динамиката на раст на депозитите засега е послаба споредено со проектираната во рамки на априлскиот циклус проекции“, се вели во соопштението на НБРМ.

Состојбите на девизниот пазар во мај беа релативно стабилни и главно поврзани со исплата на дивидендите кон странство. Потребата за девизи банките ја надоместија од сопствени извори, при што Народната банка не интервенираше со банките – поддржувачи. Од почетокот на годината до мај се забележува подобрување на остварувањата на девизниот пазар на годишна основа. Вкупната нето – продажба на девизи на банките на клиентите за првите пет месеци од годината е пониска за околу 60 милиони евра од нето – продажбата остварена во истиот период во минатата година.

Економијата, како што се вели во соопштението на НБРМ, и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека преземените мерки на монетарната политика доволно ја поддржуваат домашната економија.

Последните инфлациски остварувања од мај покажуваат задржување на позитивната годишна стапка на промена втор месец последователно, и со тоа намалување на ризиците од продолженото намалување на цените. Во просек, во првите пет месеци од годината општото ниво на цени во домашната економија се намали за 0,5% на годишна основа.

Согласно со последните расположливи податоци, во периодот април – јуни 2015 година девизните резерви забележаа намалување, како што и се очекуваше во рамки на априлските проекции. На девизниот пазар НБРМ интервенира со мала продажба на девизи, што беше очекувано со оглед на исплатата на дивидендите кон странските акционери, што е вообичаено во овој период од годината.

Последните податоци за надворешната трговија заклучно со април навестуваат нешто повисок трговски дефицит, но периодот на оцена од еден месец е многу кус за да се дадат посигурни констатации во овој домен. Истовремено, нето-откупот од менувачкото работење заклучно со втората декада на мај, дава сигнал за нешто пониски приватни трансфери, во однос на очекуваните за вториот квартал согласно со априлската проекција. Анализата на показателите на адекватност на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се движат во сигурна зона.

Во мај ликвидноста на домашните банки се намали под влијание на автономните фактори, во најголем дел како резултат на зголемената побарувачка на готови пари, при исплата на субвенции за земјоделство и на други сезонски ефекти. Банките го намалија износот на пласирани краткорочни вишоци во депозити кај Народната банка, додека на пазарите на пари беше регистрирана зголемена трговска активност и натамошно намалување на каматните стапки.

Економскиот раст е солиден и нема ценовни притисоци. Движењата на кредитниот пазар веќе подолг период генерално  се поволни, укажувајќи на релативно ефикасна трансмисија на досегашните монетарни мерки врз кредитната активност и постабилни очекувања на домашните банки. При вакви економски услови, НБРМ во следниот период главно ќе биде насочена на следење на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа.

Ризиците во овој период се комбинација на надворешни ризици и ризици предизвикани од домашните политички случувања. Притоа, гледано од аспект на надворешните ризици, во овој период повторно се актуализираат проблемите со должничката криза на Грција, што ја нагласува присутната неизвесност во окружувањето. Во однос на домашните ризици, иако засега не се регистрирани неповолни ефекти од овие случувања врз економијата, сепак одредени показатели даваат првични неповолни сигнали, што упатува на потреба од поголема внимателност и следење на сите текови.