НБРМ: Раст на вкупните кредити на приватниот сектор во ноември

7

Вкупните кредити на приватниот сектор во ноември покажуваат понатамошен месечен раст, при што кредитната поддршка беше насочена и кон секторот население и кон корпоративниот сектор, беше истакнато на редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Кредитите на приватниот сектор и натаму растат со солидна годишна стапка на раст, при што сегашните оцени не упатуваат на поголеми отстапувања од проекциите.

Во ноември, вкупните депозити и натаму растат на месечна основа, а во овој месец вкупниот депозитен раст е поддржан и од депозитите на претпријатијата и од депозитите на населението. Остварувањата кај вкупните депозити заклучно со ноември покажуваат дека нивниот раст може да биде малку посилен во однос на октомвриските проекции.

Во ноември, ликвидноста на банките, под влијание на автономните фактори, забележа пад втор месец по ред, што услови намалување на состојбата на краткорочните депозити на банките кај Народната банка.

На пазарите на пари, банките и во ноември активно тргуваа со депозити, при што меѓубанкарската каматна стапка се задржа на стабилно ниво од 1,1%. На секундарниот пазар со хартии од вредност, освен со благајнички записи, се тргуваше и со долгорочни државни хартии од вредност.

Во ноември имаше натамошни поповолни движења на девизниот пазар, пред сѐ заради повисоката понуда на девизи од страна на компаниите од новите производствени капацитети, градежниот сектор и менувачниците. Во услови на релативно високи девизни позиции, банките активно тргуваа на меѓубанкарскиот пазар, а девизниот курс беше во стабилни рамки.

Девизните резерви во последното тримесечје забележаа раст, што најмногу се должи на задолжувањето на државата на меѓународниот финансиски пазар со издавање еврообврзница. Девизниот пазар веќе подолг временски период е стабилен, без потреба од поголеми интервенции од страна на НБРМ.

Промената на девизните резерви во последниот квартал е во рамки на очекувањата во октомвриските проекции. Расположливите показатели за надворешниот сектор покажуваат дека трговскиот дефицит и приватните трансфери, како клучни компоненти на тековната сметка, засега се движат во проектираните рамки. Анализата на показателите на адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и натаму се во сигурната зона.

Инфлацијата во ноември забележа благ раст на месечна основа, но на годишна основа и во просек во првите единаесет месеци од годината, општото ниво на цените во домашната економија и понатаму бележи пад (намалување од 0,3%).

Општо земено, последните остварувања укажуваат на задржување слична макроекономска слика, иста како во октомвриските проекции, со солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција којашто обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Основите на економијата и натаму се солидни. Ризиците произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување.

Во однос на надворешните фактори, тие и натаму се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Во однос на домашните ризици, и покрај тоа што во досегашниот период нивното влијание беше релативно мало и ограничено, евентуалното пролонгирање на неизвесноста поврзана со политичките случувања доведува до можност таа да се прелее во економијата, заради поголемата воздржаност на домашните и странските субјекти.

Сепак, дел од ризиците се ублажени со последната мерка на НБРМ од август. Оваа мерка, со којашто се направија промени во поставеноста на инструментот задолжителна резерва, има за цел да обезбеди понатамошна поддршка на долгорочното штедење во домашна валута и со тоа, поддршка на процесот на денаризација на економијата. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на целите на монетарната политика.