НБРМ: Растот на БДП годинава ќе изнесува 3,3%

16

нб-1-Народната банка на Република Македонија (НБРМ) вчера ја ревидираше нагоре проценката за растот на македонската економија за 2013 година на 3,3%, од првичната проценка, која изнесуваше 2,3%.

Оптимистичките очекувања НБРМ ги темели врз позитивните влијанија од влезот на новите странски инвестиции, промените во домашната производна структура и зголемената диверзификација на извозот, кои придонесоа за остварување раст на БДП од 3,4% во првата половина од годината.

“При вакви појдовни услови, како и при задржување на претпоставките за понатамошна поддршка на растот преку странските и јавните инвестиции, надополнети со закрепнувањето на приватната потрошувачка, сегашните оцени упатуваат на раст на БДП од 3,3% за целата 2013 година”, изјави гувернерот Димитар Богов.

Тој истакна дека во 2014 година се очекува дека економијата и натаму ќе расте со забрзано темпо, со очекувана стапка на раст на БДП од 3,7%. Со претходната проценка, НБРМ за наредната година предвидуваше раст од 3,1%.

Во 2015 година, се очекува дека стапката на раст на економијата ќе достигне 4,4%, при што изворите на растот би биле слични со оние од 2014 година на потрошувачката на домаќинствата.

Последните оцени за позицијата на билансот на плаќања во 2013 година упатуваат на дефицит во тековната сметка од 3% од БДП, што претставува стагнација на дефицитот во тековната сметка во споредба со 2012 година, при помал трговски дефицит, но и истовремено намалување на приватните трансфери.

За 2014 година и 2015 година се очекува проширување на дефицитот во тековната сметка, и тоа до 4,6% и 5,7%, соодветно, главно заради поголемите увозни притисоци создадени преку растот на извозот зависен од увоз, инвестициите и приватната потрошувачка, во услови на намалени приватни трансфери.

За следната година се очекува странските директни инвестиции да изнесуваат 330 милиони евра или 4% од БДП, а во 2015 година се очекува да се зголемат и да изнесуваат 4,5% од БДП.

Проектираната патека на девизните резерви за 2014 – 2015 година е нагорна, со задржување на показателите за адекватност на резервите на соодветното ниво.

Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму клучно се од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи.