НБРМ со две публикации во чест на 70-годишнината од институционализираното централнобанкарско работење

18

Во чест на одбележувањето на 70-годишното институционализирано централнобанкарско работење во Република Македонија, Народната банка на Република Македонија (НБРМ) оваа година организира повеќе настани со цел да го означи значајниот јубилеј. Еден од нив е промоцијата на две публикации коишто претставуваат библиографски пресек на целокупната стручна и научна мисла којашто придонесувала и придонесува за успешно извршување на основните функции и задачи на Народната банка во изминатите 70 години, вклучувајќи и повеќе различни аспекти од економската и правната наука што посредно влегуваат во опфатот на централнобанкарското работење.

Првото дело, насловено како Библиографија за централнобанкарското работење: 1946 – 2016 година е прва тематска библиографија за централното банкарство објавена во Република Македонија, истовремено претставувајќи прва тематска библиографија за централно банкарство објавена во поширокиот регион. Во неа се поместени 740 наслови на монографски публикации, меѓу коишто се и магистерски трудови и докторски дисертации и над 1.250 статии и прилози изработени во Република Македонија во наведениот период. Втората публикација, Научната мисла во НБРМ: 1992 – 2015 година ги содржи библиографските податоци за истражувачките и стручните трудови на поранешни и сегашни вработени во НБРМ по периодот на монетарното осамостојување на државата. На промоцијата се обратија гувернерот на НБРМ Димитар Богов и вицегувернерот Анита Ангеловска-Бежоска, додека за значењето на овие две дела говореа проф. д-р Љубе Трпески и проф. д-р Глигор Бишев.

Со објавувањето на овие две публикации, на стручната и пошироката јавност ќе ѝ биде достапен значаен синтетизиран увид во обемната стручна и научна литература, којашто влијаела и влијае врз процесите на водење прудентна монетарна политика, обезбедувајќи ценовна стабилност преку стабилен курс на македонската национална валута и стабилен банкарски сектор. Едновремено, Народната банка на Република Македонија верува дека ваквото објавување на основните библиографски податоци за значителниот квантум на истражувачко знаење во сферата на централнобанкарското работење ќе биде сериозна основа и поттик за идни квалитетни истражувачки потфати. Освен тоа, со нивното издавање се овозможува и детален увид во историјата и процесите на градењето на централнобанкарското работење, од неговите зачетоци, па сѐ до денес.