НБРМ: Вклучување на небанкарскиот сектор во процесот на снабдување со готовина

9

Советот на Народната банка на Македонија, донесе три одлуки поврзани со условите и начинот на снабдување, замена и проверка на автентичноста на книжните и кованите пари, стои во соопштението на НБРМ.

Со овие одлуки, како што се наведува, се менува концептот за снабдување со готовина, при што, покрај досегашните учесници во циклусот на движење на готовината – банките, се предвидува и можноста за вклучување други правни субјекти, центри за готовина, како дополнителна алка во синџирот на дистрибуција и операции со готовина.

“Ваквата измена на регулативата, претставува децентрализирање на досегашниот модел на снабдување со готовина, со што се овозможува и вклучување на небанкарскиот сектор во процесот на снабдување со готовина и поттикнување и создавање конкурентни услови на пазарот за обезбедување готовински услуги. Одлуката за начинот и условите за замена на книжните и кованите пари што станале несоодветни за оптек ги пропишува критериумите за препознавање и селектирање на книжните и на кованите пари и примена на утврдената постапка за замена на парите кои се идентификувани како несоодветни за оптек при обработката, од страна на учесниците во реорганизираниот модел за снабдување со готовина“, се вели во соопштението на највисоката монетарна институција во земјата.

Со новата Одлука за проверка на автентичноста и соодветноста, условите и начинот на враќање на книжните и кованите пари во оптек, центрите за готовина добиваат рамноправен третман со банките во сите сегменти од доменот на готовинските операции.

Одлуката претставува пропишување, воспоставување и унифицирање на стандардите и на критериумите за квалитет на парите во оптек, одредување на начинот на проверка на нивната автентичност, како и пропишување универзални критериуми за класификација на соодветни и несоодветни пари за оптек при нивната машинска и рачна обработка.  Одлуката воедно претставува и дел од Проектот за усогласување, приближување и хармонизирање на националното со европското законодавство и постепено воведување на европските критериуми и стандарди за квалитет за обработка на парите.

Новиот пакет на подзаконски акти од областа на готовинското работење има директни импликации за донесување на Одлуката за дополнување на Одлуката за единствената тарифа на надоместоците за услугите што ги врши Народната банка на Република Македонија, во делот кој ја регулира обврската за плаќање на надоместок на издадената готовина на банките и центрите за готовина, како директни учесници во реорганизираниот систем на готовинско работење.

Советот ја донесе и Програмата за истражувачката активност во периодот 2016-2018 година. Истражувањата предвидени за тригодишниот период треба да  дадат поддршка на процесот на одлучување, да придонесат за поуспешно функционирање на Народната банка и за соочување со идните предизвици. Воедно, предвидените истражувања и анализи треба да придонесат кон натамошно осовременување на работењето на Народната банка и подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).

На денешната седница Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ја усвои Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели Владимир од серијата Ден на Ангел. Оваа кована пара е со апоен од 100 денари во количина од 5.000 парчиња.