НБС: Банките да ги вратат парите од зголемување на камати без објаснување

24

narodna-banka-srbijeБанките ќе мора да им ги вратат сите парични средства на граѓаните што во последните пет години им биле неосновано наплатени преку зголемување на каматите, препорача Народната банка на Србија (НБС). Според пишувањето на Новости, банкарите ќе мора да пресметаат колку пари повеќе им земале на клиентите зголемувајќи ги каматите на кредитите, со објаснување дека тоа е во согласност со “политиката на банката“ и тоа од моментот на промена на договорот до почетокот на примената на Законот за заштита на корисниците на финансиски услуги кон крајот на 2011 година. Износот што ќе треба да биде вратен, ќе се пресмета во ратите од кредитот и на клиентите треба да им се достави соопштение со изменетиот план на отплата.

Овој чекор НБС се одлучи по многуте тужби што граѓаните ги покренале против банките кои ги зголемувале каматите без прецизно објаснување, се наведува во препораката на НБС.

Според Законот за заштита на корисниците на финансиски услуги, неопходно е да е дефинирана договорната обврска, односно прецизно да се наведе од што зависи каматата. Освен тоа, на промената на договорот не може еднострано да влијае ниту банката, ниту клиентот. Голем број граѓани, особено корисниците на станбени кредити во швајцарски франци, веќе тужеле неколку банки и добиени се првите спорови.

Банките во Србија по избивањето на светската финансиска криза ги зголемиле каматните стапки на сите кредити, а за тоа не ги известиле своите клиенти. Граѓаните само добиле анекси од новите договори во кои се наведуваат новите повисоки каматни стапки, а главното објаснување за тоа било дека кредитот поскапел поради кризата и е во согласност со политиката на банката, пишува Новости.