Со проектиран раст на БДП од 3,8 отсто, Србија ќе има еден од најдобрите резултати во Европа во 2024 година, објави денеска Народната банка на Србија. Централната банка посочи дека во 2024 година е исполнета една од клучните стратешки цели на земјата, а тоа е добивањето кредитен инвестициски рејтинг.
„Во мај оваа година инфлацијата ја вративме во целните граници (3±1,5 отсто), каде што остана. А во 2024 година ја задржавме релативната стабилност на динарот во однос на еврото: динарот номинално зајакна во однос на еврото со 0,2 отсто, а врз основа на интервенции на девизниот пазар НБС купи нето од 2,5 милијарди евра (заклучно со 25 декември)“, соопшти НБС, наведувајќи ги резултатите од својата работа во 2024 година.
Исто така, треба да се напомене дека 2024 година е седма од последните осум години (од 2017 година) во која НБС е нето купувач на девизи, во вкупен износ од 11,6 милијарди евра (заклучно со 25 декември).
НБС наведува дека бруто девизните резерви се на највисоките нивоа досега забележани и изнесуваат 29 милијарди евра.
„Продолживме да го зголемуваме златото во девизните резерви во 2024 година – вкупно 8,1 тони, на рекордни 48 тони. Со растот на цената на златото на светскиот пазар, вредноста на златните резерви достигна нов рекорд од 3,9 милијарди евра, што претставува околу 13 отсто од девизните резерви Во 2024 година заштедите во динари постигнаа рекорден номинален раст од над 49 милијарди динари (35 отсто), на над 187 милијарди динари“, соопшти НБС.
Каматните стапки на новите динарски кредити на домаќинствата се намалени за повеќе од 200 базични поени, а на новите динарски заеми за стопанството за над 50 базични поени (заклучно со ноември).