Не можеле ни да претпостават дека имаат добар производ, а денес ги има во сите светски хотели

120

Хрватската компанија Adria Electronic изработува софтвер што ги опфаќа сите функции во една хотелска соба и штеди енергија, пишува Пословни дневник.

Компанијата е основана во 1974 година, успеала да го преживее распаѓањето на Југославија и пред 20 години ја воспоставила првата соработка на проект, по којшто денес е препознатлива, а тоа е систем на интелигентна соба на којшто работеле заедно со Siemens.

“Во 2000 година добивме барање за имплементација на системот интелигентна соба на хотел во Дубровник. На новоизградениот дел веќе делумно беше поставен системот од странскиот производител, по што дошло до некои несогласувања и до крај не беше пуштен во работа. Тогаш требаше да го реновираат стариот дел од хотелот и не сакаа да ја продолжат соработката со стариот добавувач, па побараа системот што сега би се вградил да работи заедно со веќе постоечкиот. За тоа требаше да се програмираат веќе вградените компоненти, да се направи нов софтвер, но и да се развијат и произведат сите компоненти што треба да се вградат“, вели Владимир Будисављевиќ, директор на Adria electronic.

Го прифатиле предизвикот и до крајот на годината го сработиле проектот.

“Го одработивме тоа како проект не помислувајќи дека имаме производ, подобро речено систем што му е интересен на пазарот. Со текот на времето почнаа да се јавуваат нови барања и големи клиенти со што сфативме дека во рацете имаме производ што можеме и сами да го продаваме и да го имплементираме кај корисникот“, додава тој.

Во системот на интелигентна соба се интегрирани сите функции и така се остварува интеракција меѓу нив и сензорите. Со тоа се оптимизира нивната работа и се постигнува максимален комфор со минимална потрошувачка на електрична енергија.

Од 2000-та година до денес системот е вграден во околу 600 објекти и околу 55.000 сместувачки единици на хотели, апартмани, мобилни куќи и деловни простории.

Кај интелигентната собра сите компоненти се споени во таканаречен собен контролер, којшто е поврзан со компјутер на рецепција и преку локална програма овозможува интелигентна интеракција меѓу сите сензори и поставени уреди во собата.

Фото: Pixabay