Помина цела година откако светот му погледна во очи на еден од најголемите предизвици во светот – пандемијата. Луѓето во грч остануваат дома, плашејќи се за своето здравје, но и со прашањето што ново со себе ќе донесе оваа криза. Владите во светот се мобилизираа со цел да спасат економиите што се соочија со последици од рестриктивните мерки. Различни пакети финансиска поддршка беа насочени кон стимулирање на потрошувачка, но сега се наметнува прашањето дали тоа може да ја “потхрани“ инфлацијата.
Инфлацијата по дефиниција претставува прекумерно зголемување на паричната маса во оптек, што доведува до намалување на вредноста на парите. Ја претставува неурамнотеженоста на стоковно – паричните односи предизвикана од зголемената парична маса во оптек и масата на одобрени кредити во споредба со големината на расположливиот трговски фонд изразен преку вкупните цени. Инфлацијата ја намалува вредноста на парите и предизвикува општ пораст на цените.
Се појавува кога ќе дојде до општо зголемување на цените, а не на зголемување само на одреден производ или група производи. При мерење на инфлацијата предвид се земаат сите стоки и услуги што ги користи едно просечно семејство, а во кое се вклучени секојдневни добра (храна, пијалаци, дневни весници и горива), трајни добра (како што се на пример облека, компјутери, апарати за домаќинство и слично) и услугите (како што се на пример фризерски услуги, осигурување, наем на станбениот простор).
Голем број економисти сметаат дека умереното ниво на инфлација може да се анализира како моторна сила што ја придвижува економијата. Сепак, за обичните граѓани што сведочат за пораст на цените, секое поскапување, особено во време на ваква криза, е оправдан страв. Но, дали има простор за страв, најдобро е да се побара одговор од монетарните власти во земјава, во чии раце се инструментите со коишто се контролира количината пари во оптек.
“Стапката на инфлација во нашата економија е стабилна и ниска веќе подолг временски период. Што се однесува до идната патека на цените во домашната економија, оваа година и во наредниот двегодишен период, во согласност со последните макроекономски проекции, не очекуваме позначајни инфлациски притисоци“, велат за Бизнис Инфо од Народна банка.
Минатата година, како што посочуваат, инфлацијата во просек изнесуваше 1,2%. Со оглед на пандемијата и падот на побарувачката, овие промени, главно ги поврзуваме со фактори на страната на пoнудата, а воедно имаше и одредени регулаторни промени што делуваа на ценовното ниво. Врз основа на претпоставките вградени во нашите есенски проекции, за оваа година очекуваме просечна инфлација од 1,5%, а потоа да се приближи до нивото од околу 2% во 2022-2023 година.
“Ризиците во однос на очекуваната динамика на цените главно се поврзани со големата променливост на цените на примарните производи присутна на меѓународниот пазар, која е дополнително нагласена поради тековната здравствено-економска криза и непредвидливиот развој на пандемијата. Корекциите во очекувањата за увозните цени се главно нагорни, но засега не очекуваме тоа да предизвика поголеми отстапувања од нашите очекувања. Остварувањата кај инфлацијата во првите два месеца од 2021 година, односно остварената просечна годишна стапка на инфлација од околу 1,9% е многу блиска до проектираната за овој период при последниот циклус проекции. Наскоро започнува и новиот, редовен циклус проекции, во којшто ќе се направат повторни согледувања и оценки за движењето на инфлацијата и останатите макроекономски варијабли за оваа година, како и на среден рок“, велат од Народна банка.
Согласно последните проекции на домашните и меѓународните финансиски институции, позначаен нагорен притисок на цените на среден рок не се очекува ниту во еврозоната како наш клучен трговски партнер. Врз основа на макроекономските проекции на ЕЦБ од март оваа година, стапката на инфлација во еврозоната се очекува да се придвижи до 1,5% во 2021, 1,2% во 2022 и 1,4% во 2023 година, што претставува нагорна ревизија за 2021 година за околу 0,5 процентни поени во однос на проекциите на ЕЦБ од декември минатата година, но сепак во најголем дел се објаснува со повисокиот очекуван раст на берзанските цени на нафтата, како и со фактори од привремен карактер. И ЕЦБ на среден рок очекува инфлацијата да е умерена и во контролирани рамки, со оглед на потребното време за закрепнување на побарувачката.
Фото: Pixabay