Не размислувај колку време ќе ти треба да стигнеш на целта, туку како ќе стигнеш до неа

152
IMG_0069
Игор Довезенски, мајстор за класични јапонски боречки вештини и нинџутсу мајстор 8 дан

Најголемиот мајстор во регионов за древни јапонски боречки вештини, за нинџутсу и нејзините девет школи, живее и работи во Скопје. Навидум обичен скромен човек, со искрена насмевка и благ поглед, а врвен учител во вистински смисол на зборот и најголем заштитник кога се работи за неговите ученици… Длабока филозофска вредност и практично знаење се кријат во овој млад човек кој животот го живее необременет од наметнати правила и лажни вредности.

БИ: Што е Буџинкан? Од каде љубовта кон јапонските боречки вештини? Низ што сé поминавте за да оформите сопствено доџо?

Буџинкан е меѓународна организација основана во седумдесетите години на минатиот век од страна на д-р Масааки Хатсуми, единствениот наследник на девет јапонски самурајски и нинџа вештини. Станува збор за интернационална организација со седиште во градот Нода, во провинцијата Чиба, во Јапонија. Буџинкан Доџо во превод значи „Двор на божествениот воин“, односно „Место каде што вежба божествениот воин“.

Од каде љубовта кон јапонските боречки вештини? Како дете бев доста палав, а мојот татко почна да ми купува стрипови од блиската трафика сакајќи да ми го насочи вниманието и да ме „закова“ во едно место, да не направам некоја штета по дома. Напротив, откако ќе прочитав за авантурите на Загор, уште повеќе ми доаѓаа луди идеи во главата. Во еден од стриповите, Загор се соочи со непријатели дојдени од Јапонија. Беа облечени во црна облека, припиена до телото и употребуваа необични оружја за време на борбата. Тогаш за прв пат се сретнав со зборот нинџа, а ликовите во црно целосно ме освоија. Тоа ме натера да започнам да вежбам карате, бидејќи тоа беше единствената јапонска боречка вештина, покрај џудо-то, што во тоа време можеше да се вежба во градов. Подоцна, во 1986 година, бидејќи школската година ја поминав со добар успех, од татко ми добив на подарок видео рекордер и една вхс касета со филмот „Нинџа Осветник“. Се сеќавам дека откако го изгледав филмот не можев да заспијам цела вечер. Сонував со отворени очи како еден ден и јас ќе бидам нинџа облечен во црно и ќе ја поседувам вештината на овие необични јапонски воини вооружени со необичен арсенал. Токму од тие детски соништа, се роди и разви љубовта кон јапонските боречки вештини. Но зарем сите идеи не почнуваат со еден обичен сон? Затоа, како родител на три прекрасни дечиња, ќе се осмелам да дадам совет до сите родители. Не го прекинувајте сонот на Вашите деца. Оставете ги нека сонуваат. Само така ќе можат еден ден идеите да ги преточат во реалност.

Што се однесува до тоа низ што се поминав за да оформам свое доџо, ќе кажам само дека целиот тој изоден Пат, придонесе за едно големо искуство кое е од непроценлива вредност за секој што талка обидувајќи се да се пронајде себе си. Секој што сака да го направи првиот чекор по Патот, мора да биде свесен дека патувањето секогаш трае долго и е исполнето со најразлични предизвици. Ако не си подготвен да ги скокаш и рушиш пречките пред себе, ако не си подготвен да преземеш ризици и обврски, тогаш застани на страна и пропушти ги тие што се спремни да зачекорат во неизвесноста. И не обидувај се да го најдеш пократкиот Пат. Тој најчесто е лизгав и ќе те врати назад, на почетокот. Не размислувај никогаш за тоа колку време ќе ти биде потребно за да стигнеш на целта, туку како ќе стигнеш до неа.

„За време на тренингот во Буџинкан Доџо“
За време на тренингот во Буџинкан Доџо

БИ: Реткост е да имаме прилика да зборуваме со човек како Вас. Зошто не се појавувате во јавност да зборувате за своето доџо и покрај фактот што досега низ Вашите школи поминале повеќе стотини ученици?

Бидејќи не сакам да ги комерцијализирам традиционалните јапонски боречки вештини. А и немам потреба за тоа. Освен тоа, ученикот треба да ја отвори вратата и да го изоди Патот, а учителот е тука само за да го осветли истиот. Тој што сака да нé пронајде, но и да се пронајде себе си, ќе најде начин. Ништо на овој свет не е случајно, па така, ако нешто вистински се сака, секогаш ќе се најде начин. Спротивно на тоа, ако нешто не посакуваме искрено, тогаш ќе си најдеме изговор.

Можеби мислењето дека не се појавуваме во јавност е намерно создадена илузија од наша страна. Ние сме присутни, меѓутоа не секаде и не секогаш. Се појавуваме одвреме – навреме во некои мали медиуми со душа. Ги одбегнуваме секогаш оние гломазни и нападни пропагандни машинерии кои го заблудуваат и го трујат обичниот народ.

„Силата на Јари“
Силата на Јар

БИ: Јапонските традиционални боречки вештини воедно се тренинг и за ментална дисциплина. Кои се правилата и вредностите кои важат за нив и дали се применливи и прифатливи во времето во кое живееме?

Вредностите и правилата на јапонските традиционални боречки вештини се безвременски. Тие биле применливи, се применливи и ќе бидат и после стотина години од моментот во кој ние егзистираме. Земете ги класиците како што е на пример „Книгата на петте прстени“ напишана од страна на легендарниот мечувалец Мијамото Мусаши. Во неа најмалку можете да прочитате за техниките на борба што тој ги применувал, но затоа изобилува со правила и принципи кои се однесуваат на нашата интеракција со околината околу нас, како и со нашето место во универзумот.

БИ: Држите тренинзи за преживување во природа. Што се постигнува со ваквиот тренинг? Како се одвива тренингот? Кој сé може да учествува?

„Преживување“
Преживување

Преку семинарите насловени како „Преживување во природа“, пред сé ја тестираме нашата ментална дисциплина и подготвеност. Тие служат за да дознаеме повеќе за нашиот карактер. Сите слабости кај нашите ученици испливуваат на површина, кога нивното тело ќе доживее психичка болка, предизвикана поради „ударите“ на силните сончеви зраци, дехидрацијата, тешкиот физички тренинг и несоницата.

Тренингот трае два дена и тоа во последниот викенд во јули. Тајмингот внимателно е избран со цел да се совпадне со најтоплиот период во годината. Учесниците се сместуваат на карпест терен кој не нуди заштита од силните сончеви зраци, поточно нема никакви сенки кои би го заштитиле телото, а за време на семинарот не е дозволено седнување на земја. Исто така, за време на настанот не се конзумира храна, а дозволено е секој да си понесе само литар ипол вода со себе. Проблемот е што за сето ова време се одвива тренинг, кој под силното сонце предизвикува неверојатно потење, при што течностите од телото се губат со неверојатна брзина. Така, тие литро ипол вода што се предвидени за двата дена, постојано го мамат учесникот да ги потроши пред време, со цел да ја намали својата болка предизвикана од дехидрацијата. Поради тоа и најчесто доаѓа до откажување на сред семинар.

Инаку, да Ви одговорам кој се може да учествува. Во минатото бевме критикувани бидејќи на ваквите наши подвизи имаа право да учествуваат само членовите на нашето доџо. Дури добивме и еден телефонски повик, преку кој бевме обвинети дека сме биле затворени „како да сме некоја секта“. Тогаш одлучивме таа година да дозволиме учество на сите заинтересирани. Ги предупредивме дека претходно треба да си направат комплетни медицински прегледи пред да земат учество на семинарот. Така, едно од пријавените момчиња однадвор, инаку планинар, некаде на сред семинар почна да пребледува и неконтролирано да се поти, поточно да колабира. Моравме да ангажираме луѓе за да го однесат до најблиската куќа, каде што откако добро се најал и се напил вода, успеал некако да си ја поврати силата. Оттогаш заеднички одлучивме семинарот да продолжи да биде достапен само за нашите членови, без разлика на критиките од страна кои се искажуваат за нас. Јас ги познавам моите момци и девојки. Знам кој од нив колку е подготвен за ваков предизвик, според времето поминато во тренинг и според посветеноста кон вештините.

БИ: Во Вашата книга „Разговор со учениците“ велите дека егото е нашиот најголем саботер. Според вас, постои ли начин за намалување на неговото влијание или пак за ставање под контрола?

Постојат разни техники за да се стави егото под контрола, а оваа тема ја начнувам токму во книгата што погоре ја споменавте. Мислам дека тука не е баш соодветно место за да се објаснуваат техниките и начините, но еве, можам нескромно и вулгарно да им предложам на сите Ваши читатели да си ја набават книгата, по што многу работи ќе им станат јасни. Како и да е, првиот чекор за ставање под контрола на сопственото его е да се развие свесност за поседување на истото.

„Со учениците“
Со учениците

БИ: Што е болка? Што е неуспех?

Болката е пријател. Се појавува секогаш кога треба да нé предупреди дека некои работи не ги правиме како што треба. Таа најавува потреба од промени на секое ниво.

Неуспехот најчесто е резултат на нетрпението. Оди рака под рака со недоволната посветеност и пожртвуваност.

Ќе Ви објаснам преку пример од боречките вештини.

Некои од нашите ученици, доаѓаат на тренинзи со една единствена цел, да научат дел од вештините и еден ден да отворат свое доџо каде што ќе можат да предаваат. И тоа воопшто не е лошо, туку напротив, тоа е единствениот начин вештините да продолжат да живеат и понатаму низ времето и просторот. Меѓутоа, понекогаш ученикот станува нетрпелив и сака пред време да стане учител. Сака да ги прескокне правилата и да го забрза процесот кој не се мери со време, туку со количество на знаење. Меѓутоа, доколку ученикот не е подготвен, учителот не смее да му дозволи предвреме да отвори доџо. Има неколку причини за тоа.

„Пред влезот на најстарото доџо за мечување - Шимбукан“
Пред влезот на најстарото доџо за мечување – Шимбукан

Во боречките вештини најважна е линијата на трансмисијата на знаењето. Тоа значи „преку кој учител вештината е дојдена кај тебе“. Но истовремено, за самиот учител е важна линијата, односно насоката во која што пренесеното знаење ќе се пренесува и понатаму. Затоа се бараат способни и одговорни личности со кои учителот ќе се гордее кога ќе каже дека му се ученици. Едноставно кажано, доколку ученикот не е подготвен да го понесе товарот, учителот нема да прифати ризик што можеби еден ден ќе му нанесе срам на него и на неговото доџо.

Многу ученици ја „оплескуваат“ кога ќе си помислат дека го виделе крајот на Патот. Избрзуваат со одлуки кои само посочуваат дека не се е доволно зрели за да бидат учители. Дури тогаш го откриваат својот вистински карактер, бидејќи неретко почнуваат да „шират“ невистини за својот учител дека тој намерно го кочи нивниот развој. Но вистината е дека целта на секој учител е да создаде учители, а не вечни ученици кои ќе бидат зависни од него. Но за сé си има начин и потребно е време за реализација на ваквите замисли.

Еден голем будо мајстор еднаш кажал: „Доколку го затегнете конопот на леталото и не го пуштите на доволна далечина од Вас, тоа нема никогаш да полета. Но ако го испуштите конопот целосно од вашите раце, тогаш леталото ќе одлета во непознат правец и ќе се загуби“. Или поинаку кажано, кога ученикот посакува самиот да го заврши Патешествието и е подготвен да стане учител, потребно е да се охрабри да си замине од доџо-то и самиот да стекне искуство кое ќе му биде драгоцено понатаму во животот. Но истовремено, ученикот треба секогаш да има на ум и не смее да заборави кој му го покажал Патот, бидејќи само така секогаш ќе може да се потпре и да го искористи богатото искуството на својот учител. Токму оваа рамнотежа треба да ја разберат сите ментори и сите штитеници во било која професија доколку сакаат да постигнат вистински успех во својата кариера. Ова правило важи и за лекарите, адвокатите, пекарите, столарите итн.

БИ: Што треба да поседува човек за да биде комплетен, успешен, исполнет и задоволен?

Треба да ужива во тоа што го работи или барем да најде начин како да го постигне тоа. Ако не уживате во тоа што го правите или ако не знаете како да постигнете задоволство притоа, најдете ново хоби, нова работа, нов предизвик.

Не се оптоварувајте, односно не се обидувајте да постигнете успех поради мерило, туку дадете си задача тоа што го правите да го направите најквалитетно и најсовршено што можете.

Уживајте во малите работи што Ве опкружуваат. Насмевнете се за да Ви се насмевнат. Кога имате многу, дајте на тие што немаат. Кога немате, не срамете се да побарате.

Бидете скромни и не оддавајте впечаток дека Вие сте многу важна алка во општеството или заедницата. Разберете дека како и сите други, Вие сте само еден мал дел и сосема небитен дел од Универзумот, кому му е дадена можност некого да направи среќен или да растажи. Направете мудра одлука.

Опкружете се со луѓе кои создаваат, кои влечаат напред, кои постигнуваат успех и кои шират љубов околу себе.

Доколку не можете да влијаете, седете подалеку од оние кои озборуваат, прават лоши сценарија и внесуваат зла крв меѓу луѓето.

„Со учителите Нобутоши Отаке, Рисуке Отаке и Ерик Лоув“
Со учителите Нобутоши Отаке, Рисуке Отаке и Ерик Лоув

БИ: Како луѓето во бизнисот да најдат рамнотежа во животот потпирајќи се на принципите на традиционалните боречки вештини?

На ова прашање, делумно дадов одговор во претходното 🙂

Но еве, ако ми дозволите да го цитирам големиот мечувалец Јагју Таџима но Ками (1571-1646) и ако Вашите читатели имаат желба да читаат меѓу редови, ќе додадам:

„Учењето и знаењето се наменети за да се заборават и тоа само кога ќе сфатите дека се чувствувате перфектно удобно. Колку и да е некој добро обучен за кенџутсу (борба со меч), мечувалецот не може никогаш да биде мајстор на своето техничко знаење додека сите ментални пречки не се остранети и доколку умот не може да го одржи во состојба на несвесност. Тој треба да биде исчистен, без разлика со каква техника сте нападнати. Само тогаш, целото Ваше тело заедно со четирите екстремитети, ќе биде способно за прв пат да го покаже целиот обем на знаење стекнато со тренингот низ годините. Телото ќе се движи автоматски и без свесен напор за мечувалецот. Целиот Ваш тренинг е присутен тука, но умот е крајно несвесен за тоа.  Умот не знае каде се наоѓа. Кога ова ќе се оствари, а знаењето целосно ќе се отфрли низ ветрот и кога умот ќе биде целосно несвесен за својата работа и кога ќе исчезне без никој да знае каде е, тогаш вашата вештина за мечување ќе биде перфектна и ќе можете да се наречете комплетен човек“.

 

За сите што сакаат да си ја набават книгата “Разговор со учениците“, можат да го сторат тоа на следниов линкhttp://kupikniga.mk/BookDetails.aspx?Pr=39713