ММФ: Не се гледа крајот на кризата

23

Меѓународниот монетарен фонд предупредува дека не треба да се потценуваат последиците од европската должничка криза. Кризата може да има големи последици за светската економија.

„Кризата не е завршена. Ние сме среде криза и треба да се изоди уште долг пат“. Со овие зборови вице-директорот на Меѓународниот монетарен фонд Зу Мин на летната средба на Светскиот економски форум во Тианџин, во Кина, предупреди дека кризата и последиците од неа не треба да се потценуваат. Според Зу Мин, натамошно влошување на економската состојба во Европа би имало „енормни последици“ врз светската економија. Ако состојбата и натаму се влошува, би требало да се смета со намалување на економското постигнување во САД и Јапонија до два процента. Кинеското стопанство пак, би настрадало помалку, но сепак и таму треба да се смета со намалување на економското постигнување од еден процент.