Не се очекува Бугарија и Хрватска да го воведат еврото пред 2025 година

36

Фундаменталните показатели на земјите од централна и источна Европа (ЦИЕ) остануваат стабилни што ќе се рефлектира врз рејтингот во следните 12 до 18 месеци, оценува американската рејтинг агенција Moody’s.

Агенцијата истакнува дека изгледите за раст на земјите од ЦИЕ на среден рок остануваат силни по очекуваното закрепнување од пандемијата оваа година, бидејќи овој регион е помалку изложен на долготрајни штети од последиците од пандемијата, а ќе профитира од зголеменото и евтино финансирање на Европската унија, пренесува Пословни дневник.

Иако нивото на јавен долг и буџетски дефицит пораснаа во 2020 година, на многу од земјите претходното средување на јавните финансии и поголемиот фискален простор ќе им пружи поголема отпорност во однос на другите глобални играчи во поглед на кредитната способност.

Меѓу нив се Хрватска и Бугарија на кои во ноември, по влезот во европскиот механизам на девизни курсеви им е зголемен кредитниот рејтинг.

“Сепак, не очекуваме Бугарија и Хрватска да го воведат еврото пред 2025 година, членството во механизмот го засилува кредибилитетот на бугарскиот валутен одбор и на хрватскиот управуван флуктуирачки курс во однос на еврото, намалувајќи го валутниот ризик на двете земји“, наведува Moody’s.

И покрај кампањите за масовно вакцинирање, крајот на здравствената криза е неизвесен, што претставува ризик по растот во 2021 година.

Фото: Freepik