Недела – ден за неделен одмор е решение кое ќе влијае на поголема продуктивност и благосостојба на работниците

78

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и советникот на Премиерот за труд и социјална политика, Милан Живковиќ, денеска остварија средба со претставници на стопанските комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог (Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на Северозападна Македонија и МАСИТ), со кои дискутираа за нацрт решението на измени и дополнувања на Законот за работни односи, кои се однесуваат за Недела – неработен ден.

Вицепремиерот Битиќи и министерката Шахпаска посочија дека Владата останува отворена за дискусија со сите чинители на економското живеење, за секоја иницијатива поврзана со нивното делување. Ваквиот транспарентен и инклузивен начин на работа покажа дека кога решенијата се носат со заеднички консензус на сите вклучени страни имаат најпозитивен ефект.

Презентирајќи го нацрт-решението на измените и дополнувањата на Законот за работни односи, министерката Шахпаска посочи дека главните поенти на ова законско решение се:

– Неделата ќе биде ден за неделен одмор на работниците;

– Ќе постојат исклучоци во одредени дејности кои ќе бидат стриктно наведени во законското решение, а кои поради природата на технолошко-техничкиот процес не може да запрат со работа или се неопходни за нормално функционирање на целото општество;

– Сите работници и работнички ангажирани во компании кои припаѓаат во дејностите кои се дефинирани како исклучоци, ќе мора да добијат соодветен надомест за нивниот работен ангажман, дефиниран со Закон и колективен договор;

– Сите работнички и работници кои ќе бидат ангажирани во недела, ќе мора да добијат дополнителен слободен ден за одмор во текот на наредната работна седмица.

Битиќи и Шахпаска, нагласија дека со ова законско решение очекуваат да се зголеми задоволството и благосостојбата на работничките и работниците, а со тоа и да се зголеми нивната продуктивност на работните места, што би било во интерес и на работодовачите и на работниците.

Законското решение за недела неработен ден, кое е дел од Програмата на Владата, сеуште се дискутира помеѓу сите засегнати страни, во интерес на изнаоѓање на најсоодветно решение со кое би биле задоволни и синдикалните организации, како претставници на работниците и стопанските комори, како претставници на компаниите.