Македонскиот ИКТ сектор во последните три години бележи постојан раст во број на компании и вработени, раст на извозот, на профитот и на приходите, покажува Извештајот за ИКТ индустријата што денеска го презентираше Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).
Оваа индустрија е најбрзорастечка во земјава, која ги вработува најмладите и најпрогресивните граѓани. Сите овие показатели, сметаат од Комората, покажуваат дека оваа индустрија би требало да престане да биде сервис на сите други гранки и да стане мотор на развојот на државата. Најголем проблем со кој индустријата се соочува, е недостиг на работна сила, на што треба да се работи во иднина, пренесува МИА.
Како што појасни Сергеј Зафировски од ИнсајдерИД, кој го презентираше Извештајот, во 2019 година имало 1.957 економски активни компании, а вкупно 15.093 вработени. Приходите на целиот сектор изнесувале 879 милиони евра, трошоците 772 милиони, а профитот 103 милиони евра. Извозот бил 210 милиони евра, а увозот 88 милиони евра.
“Овие бројки не би биле значајни ако не се разгледа растот. Во наведениот период има раст од 51% на економско активните компании, како и раст од 37% на бројот на вработените, што е над десет отсто годишно од 10.900 во 2016 година на 15.090 вработени во 2019 година“, рече тој.
Се бележи и раст на приходите на 17% во овие три години, најмногу кај компании на софтвер и ИТ услуги. Профитот бележи раст од 74%, извозот 40% и увозот 18 %.
Според претседателката на МАСИТ, Анета Антова Пешева, овие бројки во ИКТ секторот го потврдуваат драматичниот пораст во оваа индустрија и претставуваат основа за етаблирање на овој сектор во сите сфери.
“Во денешниот свет на виртуелни вредности, бројките и фактите и аргументите се многу важни. ИКТ индустријата е најбрзорастечката индустрија во нашата земја која дошла во тој раст без државна поддршка, субвенции… Ги вработува најмладите и најпрогресивните со доминантна извозна компонента и квалитет за кој сведочат сите“, истакна таа на презентацијата.
Пешева додаде дека како индустрија сакаат да престанат да бидат сервис на сите други гранки и да станат мотор на развојот на државата по примерот на многу други држави.
На презентацијата беше истакнато дека ова е единствениот сектор во кој најголем ресурс се вработените, и дека во иднина ќе се зголемува недостигот на работна сила во овој сектор. Она што сметаат од МАСИТ е дека овој извештај ќе им биде алатка да лобираат за своите барања во однос на даночни олеснувања, за поголема квота за упис на студенти…
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи потенцира дека е предвидено намалување на персоналниот данок во ИТ секторот во владината програма од сегашните 10% на 0% во 2023 година кој е еден од предлозите од овој сектор што Владата го има вградено во својата програма и е еден од приоритетите, а кој треба да биде доволен поттик за развој на оваа индустрија.
“Остануваме на данокот на добивка на стапка од 10%, но што се однесува до стимулација на вклученост на луѓето во ИТ индустријата, од 2021 година очекуваме личниот данок да го намалиме постепено за до 2023 година да дојдеме до целосно укинување на личниот данок на доход од сегашните 10%в о 2023 да биде на 0%. Тоа е еден модел што го добивме како предлог од МАСИТ. Други моменти се ослободување на данок за преквалификација, ослободување на данок од трошоците кои се прават во име на лиценци во ИТ индустрија“, истакна на презентацијата Битиќи.
Тој потенцира дека комуникацијата ќе се одвива на месечна основа во точно утврден ден и дека заеднички преку платформата за јавен приватен дијалог ќе бидат вклучени во процесите на креирање политики, но и при носење одлуки.
Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Сибил Зутер смета дека во последната деценија има голем експоненцијален пораст на ИКТ секторот, како и дека пандемијата со Ковид-19 само го засилила овој тренд во сите аспекти на човековиот живот.
“Северна Македонија не заостанува многу во овој глобален тренд. ИКТ секторот е најбрзорастечки сектор во земјата. Македонските ИКТ компании се иновативни професионални со високи стандарди на квалитет. Некои од предизвиците што имаат влијание на раст на секторот се недостиг на висококвалификувана работна сила, нешто што само ќе се заострува во иднина. За да може секторот да биде поуспешен и да се зголеми извозот, исто така, треба да се катализира развојот на македонски ИКТ производи“, рече таа.
Овој извештај, според неа, ќе ѝ помогне на државата во унапредување на бизнис регулативата за оваа индустрија, што ќе овозможи да расте побрзо и да вработува повеќе луѓе. Информациите од терен, коа што рече, ќе им помогнат на владините институции да креираат политики за развој на овој сектор, затоа што со поддршка на ИКТ секторот не се поддржува само тој, туку тоа дава позитивен ефект и на други сектори и развој на економијата во земјата воопшто.
Фото: Pixabay