Со години чиповите или полупроводниците се клучни за функционирањето на сите електронски уреди, од фрижидери до балистички проектили. Но, дури неодамна се најдоа во фокусот на светската јавност.
Вашингтон ја покажа моќта на американската полупроводничка индустрија во 2018 година, кога Министерството за трговија на Доналд Трамп и забрани на кинеската телекомуникациска компанија ZTE да купува чипови дизајнирани во САД. Овие мерки речиси ја доведоа компанијата до нејзино затворање.
Но, чиповите почнаа да доминираат во насловите дури на почетокот на 2021 година, кога пандемијата доведе до глобален недостиг на полупроводници, поттикнувајќи ја инфлацијата и предизвикувајќи недостиг на стоки од автомобили до мобилни телефони.
Чиповите се ситни парчиња силикон со милиони и милијарди ситни врски врежани во нив. Овие кола обезбедуваат компјутерска моќ на речиси секој уред со прекинувач за вклучување-исклучување; од паметни телефони, компјутери до центри за податоци и автомобили до машини за миење садови.
Крис Милер, експерт за недостиг на чипови и професор на Универзитетот Тафтс, вели дека една од причините за победата во Студената војна била токму технолошката надмоќ на САД, чијашто потпора биле полупроводниците.
„Од најраните денови на Студената војна, Пентагон е посветен на примената на компјутерската моќ во одбранбените системи. Првата голема примена на чиповите беше во системите за наведување ракети, но денес тие се користат во сè“, истакнува Милер.
Денес, повеќето чипови се произведуваат во Тајван, а Милер истакнува дека TSMC, најголемата светска компанија за производство на полупроводници, го постигна тоа благодарение на високиот обем на производство и „исклучителната прецизност и квалитет“. Тој додава дека доколку производството во Тајван запре поради можна војна, „штетата би се мерела во стотици милијарди долари“.
Кина на секој начин се обидува да го достигне нивото на производство од Тајван, но како што истакнува Милер, тие сè уште се далеку зад нив, но и зад САД и Јужна Кореја.
„Покрај тоа, целото производство на чипови во Кина денес се потпира на машини увезени од странство, главно од САД, Холандија и Јапонија“, додава Милер.
Американскиот претседател Џо Бајден има намера најголемиот дел од производството да го пренесе на американско тло, а Милер потсетува дека 90 отсто од светското производство е во Тајван и дека диверзификацијата на производството би била добра за светската економија.
„Тоа е исклучително паметен потег од оваа перспектива. Тоа објаснува зошто САД, Јапонија и Европа се обидуваат да ја зајакнат својата позиција во синџирот на снабдување со полупроводници“, заклучува Милер.











