Некогаш најбогатиот град „изграден на злато“, денес се соочува со хаос, криминал и корупција

Јоханесбург, најбогатиот африкански град „изграден на злато“ денес се соочува со хаос, криминал и корупција, а како резултат на тоа, основните услуги пропаднаа низ Јужна Африка. Прекинатата железничка мрежа ја нарушува трговијата, лошите санитарни услови предизвикаа епидемија на колера во градот Преторија, а граѓаните се навикнуваат на без струја или топла вода.

Училиштата, болниците, рестораните и бизнисите се потпираат на резервни генератори за да продолжат да работат. ЈАР денес изгледа како земја што пропаѓа. Во срцето на дисфункционалноста во Јоханесбург е кризата на владеењето. Откако Африканскиот национален конгрес, владејачката национална партија во земјата, ја загуби контролата над градот во 2016 година, следеа нестабилни коалиции, кои сменија шест градоначалници за четири години, пишува Блумберг, пренесува Јутарњи лист.

Државното претпријатие за електростопанство, кое стана синоним за проблемите на Јужна Африка во последниве години, има флота од електрани на јаглен кои се стари, лошо одржувани и лошо дизајнирани. Прекините на струја траат и до четири и пол часа непрекинато, па граѓаните ги полнат и ги користат уредите кога има струја, бидејќи никогаш не се знае кога ќе следи следниот прекин на струја.

– Јужна Африка можеби не е неуспешна земја во овој момент, но ние секако сме неуспешна влада – рече Теса Доумс, директорка за политика во Rivonia Circle, непрофитна организација чија наведена цел е да ја трансформира земјата во „силна, одржлива демократија“.

– Досега не ги чувствуваме последиците од неуспешната држава, бидејќи другите сектори во општеството продолжуваат да функционираат, но сепак ги чувствуваме последиците од неуспешното управување – рече таа.

Има решение, но е многу скапо. Според поранешниот градоначалник Мфо Фалаце, кој беше сменет од функцијата во јануари, на Јоханесбург му требаат  16,3 милијарди долари за изградба на нова инфраструктура која вклучува електрична енергија, вода и канализација. Бидејќи градот во последните години се соочува со намалени приходи, тоа решение сè уште изгледа многу далеку.

Од статусот на најбогат африкански град благодарение на златната треска која започна кон крајот на 19 век, Јоханесбург се претвори во град во кој половина од населението е невработено и живее во сиромаштија. На национално ниво, стапката на невработеност е 32,9 отсто, а околу 18 милиони луѓе (од вкупно 59,4 милиони) се потпираат на некој вид социјална помош. За споредба, бројот на регистрирани даночни обврзници е половина од тој.

Во меѓувреме, се прошири и криминалот, па групите ограбуваат запуштени згради, а компаниите повеќе не сакаат да работат во такви области, додека ситните криминалци крадат кабли и метал од трафостаници и ги продаваат на црниот пазар. Затоа, во Родепорт, западно од Јоханесбург, требаше да се заменат 12 мали локални трафостаници, а цената на секоја нова е 35.249 евра.

Дупките на патот, непокриените шахти и изложените електрични кабли на улицата создаваат дополнителни проблеми за возачите, па патувањето кое вообичаено трае 30 минути сега трае два часа. Во сè донекаде профитираат бездомниците, кои го контролираат сообраќајот кога ќе снема струја.

Голем број деловни лидери алармираат за правецот во кој моментално се движи нацијата. Централната банка проценува дека ограничувањата на електричната енергија ја чинат економијата 900 милиони ранди дневно, што ќе ја намали стапката на раст годинава за два отсто.

Фото: Facebook