Неколку инфраструктурни проекти со Косово, чекаат да помине ковид кризата

35

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска престојуваше во официјална посета на Република Косово, каде оствaри работна средба со министерот за инфраструктура на Република Косово, Арбан Абраши.

Унапредување на регионалната поврзаност е од огромно значење за двете земји преку изградба на автопатот од Скопје до Блаце, поврзување со гасоводот и изградба на заедничка железничка станица, потенцираше министерот Бочварски.

На средбата се разговараше за патното поврзување и изгрaдба на автопатот Скопје – Блаце. Министерот информираше дека е започната изградба на првата фаза во должина од 2 километри и дека во тек е проектирање за втората фаза до Скопје. Увери дека се работи интензивно за да се затвори ова прашање и Скопје и Приштина да се поврзат со модерно патно решение.

Исто така на средбата се отвори и прашањето за патно поврзување преку отворање на граничниот премин Стрезимир и можноста за автопатско решение од Тетово до Призрен.

На средбата двајцата министри се обврзаа да ги забрзаат процедурите за отворање на заеднички железнички премин Хан Елези, со цел поедноставување на постапките за транспорт на стока и патници преку една контролна точка. Министерот Бочварски на средбата го информираше министерот Абраши и отпочнување на постапката за физибилити студија за интерконекциско поврзување на двете земји со гасоводот.

“Поврзување на главните градови е од огромен бенефит за нашите држави. Разговаравме за изградба на автопатот од наша страна од Скопје до Блаце. Изградбата веќе ја започнавме и поради фактот што имаме сериозна економска соработка, работиме на тоа што поскоро поврзување и изградба на оваа автопатска делница. Во однос на гасоводот, информирав дека преку Национални Енергетски Ресурси работиме на постапката за физибилити студија за интерконекциска врска со Косово.  Ова се значајни проекти кои даваат сериозна шанса за економски раст и развој на нашите држави. На долго рок треба да размислуваме и за изградба на 400 киловолтен далновод од Скопје до Приштина. Треба да инвестираме со стабилна инфраструктура за да привлечеме домашни и странски инвеститори во индустриските зони. Посакувам оваа Ковид криза побрзо да ја надминеме за да можеме што посериозно да влеземе во поинтензивна економска соработка. Во наредниот период ќе разговараме за втора средба во Скопје, на која подетално ќе разговараме за сите проекти”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министрите се согласија дека регионалното поврзување е клучно за економскиот развој на двете земји и во таа насока Република Северна Македонија и Република Косово ќе работат на интензивирање на соседските односи и економската соработка.