Неколку заблуди за работата од дома

Благодарение на развојот на технологијата, се отвораат нови можности, но и работни места. Во светот сè поголем број компании се откажуваат од скапи наемнини на деловен простор и решаваат нивните тимови да работат од места каде што се чувствуваат најпријатно и најпродуктивно.

Но, освен големиот број придобивки, постојат и некои заблуди што владеат меѓу луѓето, а се поврзани со работата од дома.

Работата од дома е голема погодност

Работата од дома не е предност, туку деловна политика што може да се промени по потреба. Пред 10-тина години, работата од дома се сметаше за погодност, а денес не претставува луксуз, туку стил на работа. Оние кои работат од дома се свесни за погодностите што ги носи нивниот начин на работа, но и сведочат за предизвиците со коишто секојдневно се соочуваат. И самите знаат дека можноста за таквиот начин на работа за многумина е работа од соништата, па нема потреба дополнително да се фалат со тоа.

Работата од дома им е од корист само на вработените

Ова не е точно, бидејќи добриот лидер на својот тим му остава доволно простор да се покаже и докаже. Работата од омиленото кафуле, викендичка на планина или море или од удобната фотелја во домот, за вработениот значи поголема продуктивност и креативност, а за менаџерот тоа значи дека неговиот вработен ќе може во целост да одговори на задачата и да ја заврши најдобро што може. Тоа што вработените ќе ги “залепите“ за столица во канцелариите, не значи дека го правите вистинскиот чекор и не значи дека секогаш ќе бидат на висина на задачата. Освен тоа, се кратат трошоци за наем на деловен простор, како и многу режиски трошоци што ја намалуваат сметката на компанија без да даде некој посебен ефект.

Не може да се гради силна организациска култура надвор од канцеларија

И ова е уште една заблуда, бидејќи силната организациска култура не се гради само во канцеларијата, каде што се работи, туку насекаде каде што се движат вработените. Ако како лидер, сопственик на компанија, менаџер… имате јасна слика за иднината и за тоа во која насока сакате да се движите, не треба физичко присуство на луѓето за да ги убедите во тоа. Напротив, ако имате развиен систем на вредности, тоа лесно и едноставно ќе може да го споделите и имплементирате со колегите, иако не го пиете првото кафе заедно на работното место.

Оние кои работат од дома, можат да прават што сакаат и кога сакаат

Оваа заблуда се поврзува со карактерот на секој вработен поединечно. Доколку некој не е посветен на работата, не ја работи со љубов и страст, ќе биде неодговорен и непродуктивен, дури и ако е принуден да седи во канцеларија најмалку осум часа. Сепак, сите вработени се возрасни луѓе кои се одговорни за своите постапки, па моралната одговорност и желбата за посветена работа треба да биде пред сè. Ако некој е свесен за тежината на работата, временскиот рок до којшто одредена задача треба да биде завршена, ќе биде одговорен и посветен на тоа што го работи, без оглед на тоа дали оди на работа или останува да работи од дома.

Вработување на луѓе од странство не бара никаков дополнителен напор или трошок

Една заблуда на којашто треба да внимаваат оние кои вработуваат или работат со луѓе од странство. Small Business Trends објави статија што ги содржи најновите информации околу тоа што треба да се знае ако се ангажира фриленсер од странство. Претприемачите се изненадени кога ќе дознаат какви прописи има околу оваа работа.

Фото: Pixabay