Почетна Новости Нема алтернатива за ковид пасошите, вели директорот на најфреквентниот аеродром

Нема алтернатива за ковид пасошите, вели директорот на најфреквентниот аеродром

Шефот на најфреквентниот меѓународен аеродром на светот рече дека ковид пасошите се единствениот начин за рестартирање на масовното меѓународно патување, пишува BBC.

Извршниот директор на аеродромот во Дубаи, Пол Грифитс смета дека не постои алтернатива.

Критичарите на овие дигитални системи тврдат дека ги дискриминираат оние кои не можат да се вакцинираат. Но, Грифитс вели дека тој е целосен поддржувач на дигиталните документи за кои вели дека се “неизбежни“.

“Не мислам дека ковид пасошите и дискриминацијата се проблем. Неопходно е да се започнат работите и да се има соодветна глобално непристрасна програма за вакцинација“, рече тој.

Светската здравствена организација и Светскиот совет за патувања и туризам се меѓу оние кои се спротивставуваат на пасошите од страв да не создадат “две класи во општеството“.

Минатиот месец Мајк Рајан од СЗО ја повтори својата загриженост во врска со прашањето за етика и правичност околу ковид пасошите.

“Треба внимателно да ги разгледаме, особено во светот каде вакцината се дистрибуира на толку неправеден начин“, рече тој.

Авионската индустрија очајно бара начини да се рестартира и да забрза по штетата направена од ограничувањата и падот на довербата на патниците.

Според Акционата група за воздушен транспорт, индустријата придонесувала со 3,5 трилиони долари годишно во глобалната економија пред пандемијата.

Сепак, со приземјените летови, бројот на патници што минуваат низ меѓународниот аеродром во Дубаи паднал како и во остатокот од индустријата.

И покрај тоа, аеродромот во Дубаи е најпрометниот аеродром во светот за меѓународни патници во 2020 година седма година по ред, надминувајќи го Хитроу во Лондон, кој ја носеше титулата во 2014 година.

Рекордни 86,3 милиони луѓе поминале низ тој аеродром во 2019 година, но бидејќи пандемијата на коронавирус ги приземји летовите, минатата година прометот се намалил за 70%, на 25,8 милиони.

Грифитс сака тој број повторно да се зголеми.

“Треба да преминеме на управување со ризици, а не на нивно избегнување“, додава тој.

Фото: Freepik