Нема веќе чекање во редици: Со еден клик до посакуваното осигурување

30

Модерното време и можностите кои се добиваат од интернетот ги менуваат и навиките кај граѓаните кога станува збор нивното осигурување. Денес само со неколку клика на компјутерот или паметниот телефон, може да се купи осигурителна полиса од кое место и да се наоѓаме. Агентите кои се дел од осигурителниот бизнис сега имаат и нова улога, тие се едукатори кои треба да го обучат клиентот како да ја купи полисата. Сега “наградата“ за агентот се добива на тој начин, наместо да ја печати и носи до клиентот осигурителната полиса.

Сепак, сè уште во земјава нема начин целосно да се заменат агентите и целокупната процедура во вадењето онлајн на патничкото осигурување да биде без нивна помош.

Поголемиот дел од компаниите кои се занимаваат со оваа дејност во Македонија веќе ја применуваат дигиталната технологија, оние кои што нема да ја прифатат со сигурност се знае дека ќе ги почувствуваат последиците. Финтек револуцијата која во последниве десетина години се фокусираше претежно на банкарството, го зафати и осигурителниот сектор. Иншуртек e новиот game changer којшто нуди можности за анализи кои ги предвидуваат потребите и желбите на клиентите и врз основа на тоа креираат производи кои им одговараат. Со употреба на вештачка интелигенција се инкорпорираат задачите на брокерите во еден микс на најдобри решенија за опслужување на клиентите. За проблематиката во овој сектор се грижи Агенцијата за супервизија на осигурување, која годинава прославува десет години од своето постоење.

За презентирање на дигитални решенија во функција на подобрување на процесите на осигурителната индустрија, минатиот месец Агенцијата за супервизија на осигурување и Стопанската комора организираа конференција Insurtech Skopje 2019. Повеќе старт – ап компании ги презентираа своите решенија, меѓу кои за дигитализација на европскиот извештај за пријава на штета, за онлајн компарација на цени на осигурување од автоодговорност и каско, како и за решение за прибирање и обработка на податоци за возење.

Организирањето на вакви и слични активности го покажува визионерскиот пристап на АСО на осигурителниот пазар, покажувајќи свесност за значењето на технологијата во оваа сфера и прифаќањето на стартапите како клучна алка од екосистемот која може да биде одличен извор на иновации со кои ќе се постигне далеку поголем квалитет и обем на услуги за крајните корисници. Стабилниот финансиски систем е услов за ефикасна алокација на ресурсите и трајна доверба во финансиските институции. Затоа во земјава континуирано се вложуваат напори за јакнење на финансискиот систем преку обезбедување на подобра регулаторна рамка, прудентна супервизија и ефикасна заштита на потрошувачите.

Инаку, минатата година, остварена е бруто полисирана премија во вкупен износ од 9,9 милијарди денари, или просечен годишен раст од 5,5%. Последните податоци, заклучно со вториот квартал на 2019 година покажуваат дека на пазарот на осигурување активно работат 16 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека пет осигурување на живот. Исто така, делуваат 36 осигурително-брокерски друштва, 11 друштвата за застапување во осигурување и шест деловни банки кои делуваат како застапници во осигурување.