На тендерот за 30 годишна концесија за користење на Галеб, поранешниот брод на Тито, што на крајот на минатата година го распиша Управата на Град Риека, не стигна ниту една официјална понуда, пишува Пословни дневник.
Сепак, како што наведуваат од Управата, на тендерот се јавиле неколку заинтересирани инвеститори кои би вложиле во проектот, но под поинакви услови. Тендерот ќе биде поништен, а стручна комисија ќе ги разгледа предлозите на можните инвеститори, па или ќе предложи нов модел за реализација на проектот или ќе го повтори тендерот со изменети услови.
Проценетата вредност на концесијата од 30 години на бродот Галеб, кој е заштитен како културно наследство на Хрватска, беше 10,3 милиони евра. Според студијата за оправданост за издавање под концесија, концесионерот требаше да обезбеди музејски простор на површина од 507,10 метри квадратни, рекреативен центар, хостелско и хотелско сместување, ресторан, конгресен центар и бар. Концесионерот уредувањето на бродот требаше да го направи на сопствен трошок.
Бродот Галеб е изграден во Италија во 1936 година за превоз на тропско овошје. За време на Втората светска војна е пренаменет во воен брод. Во 1944 година е потопен во риечкото пристаниште, а од морето е извлечен во 1948 и реконструиран во школски брод на Југословенската воена морнарица. Од 1953 до 1979 беше пловечка резиденција на претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито. Град Риека го купи во 2009 година.