Непроменет индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во октомври

20

Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во октомври во однос на претходниот е непроменет и изнесува 16,9 процентни поени, а во однос на истиот период лани е зголемен за 4,7 процентни поени, покажуваат оценките на раководителите на деловните субјекти.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во октомври 2016, во однос на септември 2016 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се речиси на исто ниво како во претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во октомври 2016 година е поповолна во споредба со претходниот месец, а многу поповолна во однос на октомври 2015 година. Оценката за бројот на вработени е дека ќе се намали.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во октомври 2016 година изнесува 65,8 % од нормалното искористување.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 24,5%, недоволната домашна побарувачка со 20,4% и недостигот на квалификувана работна сила со 17,9%.