Податоците на Државниот завод за статистика велат дека просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во декември 2012 година изнесувала 31.466 денари и била за 0,4% поголема во споредба со декември 2011 година. Износот, пак на нето платата бил 21.469 денари или за 0,3% повеќе во однос на истиот месец од 2011.
Според ДЗС, зголемувањето на бруто-платата се должи на поголемите исплатени плати во секторите Информации и комуникации за 4,4%, Земјоделство, шумарство и рибарство 4,2% и Дејности на здравствена и социјална заштита 3,4%. Во однос на нето-платата зголемување има во секторите Земјоделство, шумарство и рибарство за 4%, Информации и комуникации 3,8% и Дејности на здравствена и социјална заштита 3,5%.
Зголемување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на ноември 2012, е забележано во секторите Информации и комуникации за 41,9%, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли 8,1% и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација 6,6%.
Кај нето-платата зголемување е забележано во секторите Информации и комуникации од 45,8%, Трговија на големи и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли 7,9% и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација 6,5%.
Во декември 2012 година 2,1% од вработените во Република Македонија не примиле плата.