Граѓаните денес, среде инфлација, кога пазаруваат во супермаркетите, повеќе од кога било гледаат на цените. Обично во корпата ги ставаат само најпотребните работи, а во мали количини, доволно за ден-два. Факт е дека никој не останува рамнодушен на каса поради сумата на сметката и дека главна тема станаа цените.
„Цените вртоглаво пораснаа, сè е прескапо“ е реченицата која деновиве често ја слушаме од изненадените граѓани кои пазарат.
Нов тренд во купувањето
Несомнено е дека сегашниот тренд на поскапување тотално го промени однесувањето на потрошувачите, особено на оние со просечни примања. Тие се многу повнимателни, попресметливи дури и со најосновните производи. Сè повеќе се заборава купувањето по килограм, а сегашното е по грам, па дури и по парче.
Ова го потврди извршниот директор на синџирот супермаркети Алди, Џајлс Харли. Тој за Би-Би-Си изјави дека купувачите се повеќе се префрлаат на стоки со попуст поради кризата со трошоците за живот што продолжува да ги погодува сиромашните домаќинства.
„Дојде до „невидена“ промена во однесувањето на потрошувачите бидејќи инфлацијата се зголеми“, рече Харли. Тој додаде дека клиентите денес многу гледаат на цените, што порано не беше случај.
„Клиентите обрнуваат внимание на цената како никогаш досега“ – рече тој.
Небрендирани артикли во фокус
Поради пречестите поскапувања, брендираните производи станаа буквално луксуз за просечниот потрошувач, па не е чудно што граѓаните ги заобиколуваат при купувањето. Во една позната британска продавница за попуст, повеќе од 90 отсто од производите се небрендирани артикли.











