Независност наспроти давање на газот под кирија

22

sl

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Според моите сознанија, во Македонија постојат следните типови на компании:

  • Приватни, со еден или повеќе сопственици
  • Хибридни, приватизирани на различни начини
  • Берзански, со повеќе ко-сопственици
  • Државни, јавни претпријатија и агенции

Со исклучок на втората група, хибридите, останатите типови се среќаваат во многу земји. Вообичаено, берзанските се нарекуваат „јавни“, ама јас го користам терминот берзански за да се одбегне збрката со државните компании и агенции. Така, во интервјуто по повод започнување на мојата колумна, кажав дека имаме сопствен модел за тоа како компаниите се раѓаат и развиваат. Моделот е прикажан на долната слика.

Model-na-razvoj

Приватните компании минуваат низ различни развојни фази пред да станат берзански и притоа покажуваат повторливи и донекаде предвидливи обрасци на однесување. Растењето и зреењето не е линеарно – компаниите се судираат со интерни и екстерни проблеми кои треба да бидат разрешени пред да се мине во наредната фаза. Напредувањето по развојната линија е исцрпувачко бидејќи фазите меѓусебе се одвоени со бариери. Од друга страна, компаниите може да потонуваат, па дури да умираат од секоја точка на развојната линија.

Пред-натален период

Не разбирам зошто Македонија грчевито се бори да влезе во Европска Унија? Бевме членка на федерацијата што се викаше Југославија и се боревме да излеземе од неа. Станавме независни, сами на свое. Сега повторно сакаме да влеземе во заедница со други. Живеењето под ист покрив со други има некои предности, ама цената (читај: плаќање придонеси за трошоците на заедницата), е повисока од она што би го добиле со членството. Членувањето во економско-политичка заедница значи откажување од голем дел од својот суверенитет, оригиналност и идентитет.

Зошто го кажувам ова? Сакам да направам споредба со тн. преднатален период на компаниите – зошто и како се раѓаат компании. Низ моето работење како бизнис-консултант, сум имал прилика да се сретнам и да разговарам со многу основачи на компании. Како најчесто посочувана причина за основање сопствена компанија, тие го наведуваат следново: желба да се биде самостоен, сами да си ја кројат сопствената судбина. Најголем дел од тие основачи работеле во големи компании. Незадоволни од тоа што им се случувало таму, тие се решаваат да напуштат сигурна работа и да се впуштат во неизвесноста наречена „започнување на сопствен бизнис“. Покрај сите стресови доживеани на тој пат, тие основачи не жалат што донеле таква одлука. Независноста е слатка. Работењето за други е „златен кафез“ – имаш доволно за живот, ама немаш слобода. Значи мојата порака овде е: секој што претпочита слобода наместо софистицирано ропство, треба да размислува за отворање своја компанија. Во неколку од наредните колумни ќе пишувам за моите сознанија околу прашањето за „здраво породување на компании“.

Пред веројатно две години, за време на еден од моите престои во Македонија, на неколку телевизиски канали агресивно беа емитувани реклами од типот „Бил Гејтс можел, можеш и ти“. Беа посочувани примери за основачи на сега врвни светски компании и пораката беше дека и гледачот, просечниот македонски граѓанин, може да го направи истото. Будалаштини. Тој што ги нарачал и тој што ги правел тие реклами веројатно никогаш не формирале сопствена компанија. Мајкрософт и останатите посочени примери се исклучоци од правилата, еден во милиони. Правилната реклама и порака веројатно би изгледале вака: Преку глава ти е од шефот и од целата фирма каде што сега работиш? Тогаш, отвори си своја фирма.

Покрај „преку глава ми е …“, постојат и многу други причини за отворање сопствена компанија. Било какви да се тие причини, едно е сигурно: има многу случувања пред да се отвори компанија. Некои од тие случувања се видливи и можат да се анализираат, ама голем дел е практично невидлив и не е можно да се најдат некакви правила.

Она што е видливо при формирањето компании се следниве фактори: (1) најди идеја за сопствен бизнис и претвори ја идејата во производ/услуга, (2) анализирај ги сите детали на тој производ/услуга, (3) преземи ризик за да отвориш компанија, и (4) напушти ја сегашната фирма и претвори се во дисциплиниран основач на сопствена компанија.

Во наведените фактори нема помалку важни или повеќе важни – сите се подеднакво важни за здраво породување на компанија. Ако само еден од нив не биде исполнет, ете ти спонтан абортус. Доколку идејата не може успешно да се претвори во производ или услуга – останува само како кафеански муабет, што би било кога би било. Доколку не се детализираат сите аспекти на производот или услугата, ќе се роди компанија која е однапред осудена на пропаст. Доколку се нема муда да се преземе ризик за отворање компанија, се претворате во политичар – личност која никогаш не го прави она што го зборува. Доколку немате цврста рака и дебела кожа, не сте тип што ќе успее како основач на компанија.

Значи, следува моето сфаќање за факторите на здраво породување на компанија: производ, детали, ризик и дисциплина.

До читање,

Звонко