Ништо не носи пари оваа година како какаото

29

Овогодинешното зголемување на вредноста на берзата на Nvidia од 80 отсто е пример за добро инвестирање во нови технологии, но инвеститорите во какао оваа година постигнаа 50 отсто подобар профит, бидејќи фјучерс цената на ова растение, кое главно се одгледува во Африка и Јужна Америка,  е зголемена за повеќе од 120 проценти.

Цените на какаото се зголемија во последниве месеци поради глобалниот недостиг и паничното купување, што дополнително придонесе за скок на цената.

Најголемите светски производители на какао, Брегот на Слоновата Коска и Гана, беа погодени од неповолни временски услови и болести на растенијата, што доведе до значително помал принос, пренесува Statista.

Од почетокот на тековната сезона, пратките од Брегот на Слоновата Коска и Гана се намалени за 28, односно 35 отсто, во споредба со истиот период минатата година, објави Меѓународната организација за какао (ICCO) во извештајот од февруари. ICCO очекува глобалниот дефицит на понудата да достигне 374.000 метрички тони во сезоната што ќе трае до септември. Вкупното годишно производство на какао во 2020 година изнесуваше околу 5,8 милиони тони.

Бидејќи не постои брзо и лесно решение за глобалните проблеми со снабдувањето, цените на какаото речиси сигурно ќе останат покачени уште некое време. Потрошувачите веројатно ќе почнат да ги чувствуваат ефектите од покачувањето на цената подоцна оваа година, бидејќи се очекува трошоците да бидат пренесени на крајните клиенти на чоколадо и други производи што содржат какао.

Брегот на Слоновата Коска, водечки светски извозник на какао, објави оваа недела дека ја зголемува официјалната цена за 50 отсто за да ги поддржи локалните фармери.

Речиси шест милиони луѓе (од вкупно 30,9 милиони жители) во Брегот на Слоновата Коска зависат од индустријата за какао, а овој сектор игра клучна улога во економската стабилност и раст на земјата.

Покрај Брегот на Слоновата Коска и Гана, најголеми производители на какао во светот се Индонезија, Нигерија, Еквадор, Камерун и Бразил.