Новата градоначалничка на Париз, Ан Хидалго, планира да воведе драстично ограничување на брзината во француската престолнина. Со планот се предвидува брзината за движење на возилата да се ограничи на 30 километри на час.
Во овој момент, ограничувањето на брзината на поголемите сообраќајници во Париз е 50 km/h, додека на една третина од улиците на овој град и претходно ограничувањето беше 30 km/h. Планот предвидува ова ограничување да се прошири на сите улици низ градот на светлината.
Исклучок ќе бидат само некои важни сообраќајници што се наоѓаат долж крајбрежјето на реката Сена, каде дозволената брзина и понатаму ќе биде 50 km/h, додека на главните кружни патишта на кои ограничувањето на брзината беше 80, сега е 70 km/h.
Со новите прописи е предвидено на неколку улици максималната брзина на движење на автомобилите да биде 20 km/h, пред се станува збор за подрачја на кои покрај автомобили се движат и голем број пешаци и велосипедисти.
Градските власти на Париз сметаат дека со дополнителното ограничување на брзината ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи и загадување на воздухот. Се очекува овие мерки да дадат резултати, бидејќи некои од возачите поради ограничувањето на брзината ќе одлучат своите автомобили да ги остават дома и да патуваат со јавен превоз или со велосипед.