НЛБ Банка по 10-ти пат Најдобра банка според The Banker

47

НЛБ Банка, на 28-ми ноември, по 10-ти пат ја доби наградата за Најдобра банка во 2019-та година од финансискиот магазин The Banker.

Официјалното доделување на овие глобални и регионални награди за најдобрите во банкарството за 2019 година се одржа во Лондон, во друштво на најдобрите банки од над 140 земји во светот.

“Честа по 10-ти пат да бидеме избрани од овој реномиран магазин за најдобра банка во Македонија е навистина огромна, а задоволството уште поголемо кога знаеме дека се препознаени нашата посветеност, работа и труд. Би сакал да му се заблагодарам на целиот тим на Банката кој е заслужен за оваа награда и силно верува во визијата да бидеме водечка банкарска институција во земјава. Годината која измина беше во знакот на поставување и задоволување на високи стандарди во работењето, инвестирање во дигитализацијата, а со тоа и менување на воспоставената банкарска култура, креирање на успешна пазарна стратегија, донесување на вистински одлуки од страна на менаџментот и сето тоа под капата на едно големо регионално групациско семејство какво што е НЛБ“, изјави Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на банката.

Изборот за најдобра банка магазинот The Banker го прави врз основа на повеќе параметри и критериуми, и тоа: постигнати финансиски резултати, способност за генерирање профит, развој на нови производи, услуги и технологии, опслужување на клиенти и стратешка предност во однос на конкуренција.

НЛБ Банка АД Скопје се вбројува меѓу најпрофитабилните компании во Македонија, со остварена добивка од 34,5 милиони евра во 2018 година и добивка од 23,7 милиони евра за првите девет месеци од 2019 година. Одличните резултати, како што се наведува во соопштението, се должат на интензивните активности во кредитирање на население и правни лица, при што банката има второ по големина кредитно портфолио во банкарскиот сектор, како и континуирани продажни активности во сите сегменти од работењето, квалитетни финансиски услуги, подобрување на наплатата и намалување на портфолиото на нефункционални побарувања и значајни инвестиции во дигиталните сервиси со цел нивна поголема достапност и функционалност.

The Banker е британски магазин во сопственост на The Financial Times Ltd. Главниот фокус на The Banker се теми поврзани со глобалниот финансиски пејзаж, во којшто се содржани мислења, профили и интервјуа со водечки банкарски и финансиски фигури.

The Banker наградите за Банка на годината е годишен настан којшто им доделува признанија на врвните финансиски институции во светот.

Фото: НЛБ Банка