НЛБ Банка со добивка од 963,2 милиони денари го заврши првото полугодие

24

Првата половина од оваа година за НЛБ Банка заврши со добивка од 963.243.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период минатата година, банката прикажа добивка од 1.175.932.000 денари.

“Во анализираниот период, Банката оствари нето добивка во износ од 963.243 илјади денари, што е за 20,1% над планот, што се должи на континуирани продажни активности на кредитните и картичните продукти со особен фокус кај населението, микро, малите и средни претпријатија и на значајните инвестиции во електронските сервиси кои се подостапни и побогати со дополнителни услуги и функционалности за клиентите“, стои во Анализата на финансиските резултати.

Нето приходите од камата, на крајот на јуни, достигнаа ниво од 1.482.804.000 денари, додека истиот период лани, имаа вредност од 1.441.692.000 денари.

“Нето каматните приходи, заклучно со 30.06.2019 година, се повисоки за 2,9% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се повисоки за 1,1%, главно поради повисоки каматни приходи од секторот население, останати финансиски институции, вложувања во хартии од вредност и наплатени претходно отпишани камати, додека расходите од камати се пониски за 7,5% главно поради пониски расходи за камата кај нефинансиски правни лица, население и останати финансиски институции што се должи на пониски каматни стапки и преструктуирање на изворите во корист на средства по видување“, стои подолу во Анализата.

Фото: Pixabay