НЛБ Тутунска банка воведе мобилно банкарство

41

NLB_mTokenНЛБ Тутунска банка на пазарот воведе мобилно банкарство. Преку оваа новина за прв пат директно, преку мобилен телефон ќе можат да се вршат различни плаќања од било кое место и во било кое време.

Како што се вели во соопштението на банката, НЛБ мКлик – мобилното банкарство е софтверска апликација која се инсталира и користи преку мобилен телефон. Апликацијата овозможува брз, едноставен и сигурен начин преку кој може да се врши преглед на сите сметки и разни плаќања директно од мобилниот телефон.

Во соопштението се додава дека се работи за современо и функционално решение кое овозможува увид во состојбата и прометот на сите сметки, картички и депозити во секое време, дава можност за плаќање на сите редовни трошоци, конверзија од една во друга валута, како и преглед на курсна листа.

Преку НЛБ мКлик се остварува сигурно и лесно работење со заштеда на време и финансиски средства и достапност 24 часа, 7 дена во неделата, појаснуваат од банката.

Во текот на месец март НЛБ Тутунска банка води промотивна кампања за НЛБ мКлик во рамките на која за сите клиенти кои ќе аплицираат до 31 март користењето на апликацијата ќе биде бесплатно за првата година.