Нов далновод за сигурно снабдување на Битола

45

А.Д. МЕПСО денес пушти под напон нов 110 киловолтен систем, инвестиција вредна 300.000 евра со која двојно ја зголемува сигурноста во снабдувањето на трансфоматорската станица Битола 3, што е главен снабдувач на електрична енергија на градот Битола.

Системот ги поврзува трансформаторските станици Битола 2 и Битола 3 со што обезбеди двосистемско далноводно поврзување и создаде двојна врска меѓу двете најважни трансформаторски станици во битолскиот регион.

“Реализацијата на овој проект ги обезбедува сите предуслови за посигурно снабдување со електрична енергија на жителите и стопанските субјекти во Битола и околните населени места во претстојната грејна сезона”, велат од МЕПСО.

Во соопштението се додадава дека втората 110 киловолтна врска ќе ги сведе на минимум ризиците од испади и безнапонска состојба во електроенергетскиот систем во битолскиот регион. Новиот систем е поставен на постоечкиот далновод во должина од 13 километри, а за негово поврзување А.Д.МЕПСО изгради две далноводни полиња, по едно во двете трансформаторски станици, и инсталираше нова примарна и секундарна опрема за ставање под напон на новиот 110 киловолтен систем.

На овој далновод ќе се поврзе и новиот двосистемски вод што ќе ги поврзува трансформаторските станици Битола 3 и Битола 4, тековна инвестиција во која МЕПСО вложува околу 2,5 милиони евра. Со нејзината реализација ќе се овозможи максимална доверливост на системот и сигурност во снабдувањето со електрична енергија затоа што во прстен ќе бидат поврзани сите трансформаторски станици во битолскиот регион.