Последен пат воз влегол во станицата во Задар пред повеќе од една деценија. Оттогаш, постоечката инфраструктура во областа Арбанаси во градот е оставена да пропаѓа. Најавата на државата за реконструкција на железничката пруга и повторно воспоставување на железничкиот сообраќај меѓу Задар и Книн израдува многумина, но и отвори нова перспектива за развој на Задар, пренесува ХРТ.
По реконструкцијата на пругата, зградата на постоечката станица ќе биде преместена од центарот на градот до пристаништето Гаженица, со што широко ќе се отвори вратата за реализација на величествениот проект. Имено, на местото на ‘рѓосаните шини треба да никне футуристички Задар.
Градоначалникот на Задар Бранко Дукиќ вели дека овој проект треба да го поврзе стариот дел на градот со пристаништето во Гаженица по пат, но пред сè по шеталиште.
-Ние колоквијално го нарековме Задар 2, бидејќи всушност би бил вториот центар на градот, истакна архитектот Перо Марушиќ, автор на проектот. Би имало низа нови содржини кои би го подигнале квалитетот на животот, но и би обезбедиле нов економски и туристички замаец.
Архитектот Марушиќ, меѓу другото, вели дека се предвидени училиште, градинки, веројатно и црква, парк и шеталиште. Сето ова би никнело во простор кој денес никому и ништо не служи.
Градоначалникот Дукиќ рече дека ќе побара државата да им го предаде тој простор.
Помеѓу 20-30 милиони евра од проценетата вредност би се обиделе да се пренасочат од градскиот и државниот буџет и спасувачките фондови на ЕУ, а Дарко Касап, раководител на Управното одделение за просторно планирање и изградба, очекува дека сите проекти ќе можат да се реализираат во еден термин, пренесува ХРТ.