Нов производ на Охридска банка: кредитно животно осигурување

33

Охридска Банка, Граве Осигурување и Сожелајф од Бугарија понудија нов прозвод на македонскиот пазар – кредитно животно осигурување. Како што беше посочено на денешната промоција, придобивки од ова осигурување што ќе се дистрибуира преку Охридска банка, ќе имаат и граѓаните.

“Ова е нова понуда што ја немаше досега во банкарскиот сектор. Охридска банка ја подготвуваше понудата подолг период. Помина ригорозна процедура за лиценцирање при што ја приспособи организацијата, информативниот систем и се екипираше со кадар и надлежни лица за следење на вршењето на процесот на застапување во осигурувањето”, рече Филип Котора, член на Управниот одбор на Охридска банка.

Котора нагласи дека ова е иновативен производ што ги заштитува и клиентот и банката и овозможува доколку корисникот не е во состојба да го врати кредитот, главнината на кредитот ќе ја врати осигурителната компанија од полиса за животното осигурување.

Главниот извршен директор на Сожелајф, Бугарија, Дамиен Марешал, рече дека и во Романија и во Бугарија искуствата од ваквиот производ се позитивни.

Марко Микиќ главниот извршен директор на Граве Осигурување, Скопје, смета дека овој производ ќе отвори нови перспективи во областа на кредитирањето.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето, и ја додели оваа лиценца на Охридска банка во септември, а дозвола од Народната банка на Република Македонија Охридска банка обезбеди во октомври 2012.

За кредитното животно осигурување може да аплицираат сите физички лица кои поднесуваат барања за нов кредит, како и постојните кредитокорисници. Ова осигурување наменето за сите типови кредити на населението, а во иднина ќе се покријат и кредитните картички.