Нов рурален тренинг центар во Вруток

26

Во следните 20 месеци во руралниот тренинг центар кој денес свечено беше отворен во гостиварското село Вруток ќе се врши едукација на фармери за новите технологии во земјоделството и руралниот туризам.

Проектот е наречен Почувствувај го здравиот рурален живот, и е финансиран од ИПА-програмата на Европската Унија за прекугранична соработка со Албанија.

Со него се опфатени регионите Полог, Пелагонија, Дибра и Елбасан, а истиот го спроведува Федерацијата на фармери во Македонија и Албанскиот земјоделски совет.

“На ваков начин ќе се овозможи засилување на мрежата на локалното население и организациите од двете земји, учеството на етнички мешаната популација во целиот пограничен регион и користење на двојазичниот пристап во секоја од проектните активности”, потенцираше претседателот на ФФРМ, Андрија Секуловски.

Вкупната вредност на проектот чија цел е промоција и развој на селскиот туризам изнесува 161.721 евра, финансиски средства што ги обезбедува Европската Унија.

“Вкупните активности ќе ја подобрат економската состојба на руралното население во пограничните региони преку нивна меѓусебна соработка, промоција на традиционална храна и развој на претприемачките вештини, особено кај младите и жените фармери”, истакна Аиво Орав, шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија.

Министерот за локална самоуправа, Тахир Хани рече дека во неговото министерство се однесуваат со посебно внимание на проектите за прекугранична соработка, нагласувајќи дека бројот на проекти од оваа природа достигнал на 39, а најави уште шест други.

На настанот присуствуваа и гостиварскиот градоначалник, Невзат Бејта, како и стопанственици и фармери од западна Македонија.