Нова кредитна линија од ЕИБ за компаниите во ноември

21

g_EIB-logoНа своето обраќање до стопанствениците премиерот Никола Груевски најави дека наскоро се очекува да почне реализацијата на четвртата кредитна линија од Европската инвестициона банка (ЕИБ) во износ од 100 милиони евра.

“Македонската банка за поддршка на развојот во соработка со Министерството за финансии ја има отпочнато постапката и се очекува договорот да се усвои од Бордот на ЕИБ до крајот на октомври. На почетокот на ноември се очекува компаниите да почнат да аплицираат за средствата од оваа кредитна линија”, истакна Груевски.

Компаниите ќе имаат пристап до поволни кредитни средства со фиксна годишна стапка од 5,5% и рок на отплата до осум години за инвестиции и до три години за обвртни средства.

Од кредитните линии на ЕИБ досега, во вкупен износ од 250 милиони евра, повлечени се вкупно 222 милиони евра за реализација на 761 проект и за отворање на нови 4.782 работни места. До крајот на септември се очекува повлекување на уште 6 милиони евра за нови проекти, за што на располагање од третата линија остануваат уште 22 милиони евра.

Груевски нагласи дека се анализираат можностите за воведување на нов инструмент – осигурување на кредитите за подготовка на извоз кој е наменет за компаниите со квалитетни извозни програми.

“ МБПР со осигурувањето на кредитите за подготовка на извозот ќе ги покрие ризиците од ненаплата на реализираниот извоз или неплаќање заради стечај или неликвидност”, појасни Груевски.

Во план е и воведување на нов инструмент за осигурување на гаранциите кои ги издаваат македонските банки на наши фирми кои учествуваат на меѓународни тендери.

“Со овој инструмент ќе се подобрат условите за македонските извозници кои се соочуваат со недостаток на колатерал кој го бараат деловните банки за иадавање на тендерски гаранции и на тој начин ќе се олесни и охрабри учеството на макеоднските компании на на меѓународни тендери , односно во други држави”, истакна Груевски.

Осврнувајќи се на Законот за стечај, Груевски најави дека за еден или два месеца Владата треба да изготви специјален закон со кој треба по брза постапка да се решат останатите 89 стечајни постапки.

До 2016 година се очекува и целосно да се воспостави едношалтерски систем за домашни и странски инвеститори.