ЕВН Македонија повторно ќе ги наградува редовните плаќачи. Корисниците кои редовно и во рок ги плаќаат своите сметки за електрична енергија, ќе имаат можност да бидат учесници во новото наградно шоу Среќно семејство.
Како што информираат од ЕВН Македонија, секој втор понеделник, пред централниот дневник на националната телевизија Алфа, ќе се емитува наградната игра во која сите се добитници. Низ четири забавни игри, три среќни семејства ќе се натпреваруваат за парични награди од 1.000, 500 и 300 евра. Извлекувањето на учесниците е по случаен избор, преку компјутерски систем.
“Игрите се едноставни, возбудливи и интересни за сите генерации. Секое семејство што ќе учествува може лесно и низ смеа да ги заврши. Среќно семејство е шоу какво што одамна немало на македонските медиуми и е вистинска можност гледачите да се потсетат на некои игри што се ‘класици’, но и нови изненадувања“, велат од ЕВН Македонија.
Среќно семејство ќе се емитува на ТВ Алфа, секој втор понеделник во 19:15 часот веднаш по завршувањето на централниот дневник. Истиот ден емисијата ќе се емитува и на ТВ Алсат во 22:15 часот на албански јазик. Репризните изданија на наградната игра на двете телевизии ќе се емитуваат за време на викендот.