Нова промотивна кампања на Еразмус плус

39

erasmus

Македонија и во 2017 година продолжува да биде полноправна членка на Еразмус плус програмата на Европската Унија и корисник на средствата за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот.

„Се работи за програма која е исклучително значајна компонента на севкупната национална статегија за интеграција на македонскиот образовен простор, а преку која во изминативе 3 години искористивме речиси 11,5 милиони евра. Буџетот кој ќе ни биде достапен преку оваа програма за следната година е практично најголем досега и изнесува 6,25 милиони евра, што е зголемување за цели 78,5% во однос на стартната 2014 година, кога изнесуваше 3,5 милиони евра, а во следните две години се зголеми на 4 во 2015, односно 4,74 милиони евра оваа година“, рече Спиро Ристовски, заменик – министер за образование и наука.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, м-р Дарко Димитров, на конференцијата за печат што се одржа вчера, ја презентираше новата промотивна кампања, која ќе трае до крајот на декември 2016 година.

„Република Македонија имаше на располагање речиси 5 милиони евра од Европската комисија од фондовите за Еразмус плус во 2016 година. Досега се обврзани 93%, но во тек се постапки на потпишување на договори за грант, како и прием и евалуација на проекти од последниот рок за програмата за 2016 година. Со завршување на овие активности очекуваме искористеност на средствата од над 97%“, рече Димитров.

Со сите доделени грантови, до овој момент, се опфатени 93 институции меѓу кои универзитети, училишта, младински невладини организации и компании. Со новата кампања ќе се презентира работата на Националната агенција, ќе се презентираат добри практики од успешно реализирани проекти и отворените можности за Македонија преку целосното учество во програмата Еразмус плус. Кампањата ќе се реализира во Скопје, Штип, Битола, Дојран, Крива Паланка и Струга каде ќе се одржат Инфо денови, како и во Прилеп и Велес, каде инфо деновите ќе се организираат во соработка со локалните самоуправи.

„Во рамките на кампањата, ќе биде организирана и Валоризациона конференција со презентации на успешни проекти од Еразмус плус. Исто така ќе се одржат и информативни работилници во соработка со стопанските комори во Тетово и Скопје“, објасни Димитров.

Оваа година, Европската Унија прославува 20 години постоење на волонтерскиот сервис. По овој повод, Националната агенција ќе организира и обуки за волонтери и годишен настан посветен на Европскиот ден на волонтерството – 5 декември. Исто така, Националната агенција ќе организира и ЕКВЕТ конференција во Скопје во насока на подигнување на свесноста и интегрирање на Република Македонија во европските текови во стручното образование.

Директорот на Националната агенција ги информира училиштата дека во тек е потпишување на дополнителен амандман на договорот помеѓу Европската комисија и Националната агенција, со што ќе се обезбедат дополнителни 375.160 евра за финансирање на 19 грантови за училиштата и нивите активности.

„Тоа што нас во Националната агенција особено нè радува е тоа што Еразмус плус стана синоним за квалитет во образованието, предзнак за мобилност која генерира знаење и можност за создавање професионални мрежи за меѓународна соработка“, заврши Димитров.

Тој ги повика сите организации кои дејствуваат на полето на младите да аплицираат со своите предлог проекти најдоцна до 4-ти октомври 2016 година.