Јакнење на знаењата и вештините, имплементирање нови образовни техники и методи, обуки за млади и можност за работно искуство во странство, се главните придобивки на караванот Еразмус Плус, што го организира Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Во следните два месеци во рамките на караванот Еразмус плус ќе се одржат низа активности во повеќе градови низ Македонија чија цел е презентирање и едукација на младите за можностите што ги нуди програмата.
Од денес е отворен новиот конкурс за апцилирање за програмите што ги нуди Еразмус плус за чија реализација Европската комисија стави на располагање 4,7 милиони евра. Конкурсот е објавен на интернет страницата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
„Креирање на нови можности за едукација и стекнување на нови знаења и вештини за младите, е наш врвен приоритет. Освен што преку нашите активности ќе ги доближиме и ќе ги направиме достапни во Македонија, овие програми ќе овозможат да се подигне нивото на едукација, искуство и вештини кај младите, што ќе резултира со поголема конкурентност на младите човечки ресурси. Тоа значи поголем потенцијал и добра основа за развој на земјата што е наша крајна цел“, истакна Дарко Димитров, директор на Националната агенција за европски образовни политики и мобилност, на промоцијата на активностите што ќе следат во рамките на проектот во следните два месеци.
Во рамките на караванот Еразмус Плус ќе се одржат инфо–денови во повеќе градови низ Македонија, каде што сите што се заинтересирани за зајакнување на вештините и можностите за вработување, модернизација на образованието, обуката и младинската работа, ќе добијат основни информации за начинот на кој можат да се вклучат и да ги искористат поволностите што ги нуди програмата. Можностите што ги нуди Еразмус Плус програмата се обезбедени со поддршка на Европската унија (ЕУ).
„Обединување на различностите и создавање на еднакви вредности за сите е еден од основните постулати на Европската унија. Оттука оваа програма ќе овозможи подобра едукација и стекнување на нови вештини и искуства и создавање на нови вредности на една заеднички прифатлива основа и ќе придонесе за приближување на различните култури во Европа, преку обезбедување на можности за над 4 милиони Европјани да учат, да стекнат работно искуство и да волонтера во други држави. Нè охрабрува големиот интерес за стипендии на младите луѓе“, истакнаа од делегацијата на ЕУ во Македонија, претставувајќи ги мотивите за вакви програми.
Оттаму дадоа и признание за активностите на Националната агенција за европско образование и мобилност и истакна дека Македонија на овој план е на рамниште на земјите членки на ЕУ.
Во насока на поголемо приближување на можностите што ги нуди Еразмус плус програмата и реалниот бизнис сектор ќе бидат организирани и две работилници во соработка со Сојузот на стопански комори на Македонија кои ќе се одржат во Скопје и во Битола.
Новите трендови и можности во едукативните системи е главна заложба на Министерството за образование и наука.
„Образованието е жива материја која мора да ги следи потребите на реалниот пазар и на младите и да даде соодветен системски одговор. За нивно соодветно имплементирање пред сè во формалното образование од особена важност е тесна соработка на сите инволвирани институции што работат на оваа проблематика. Еразмус плус програмата овозможува едукативна надградба, но претставува исто така добра основа за воведување на новините и во системското образование“, истакна Абдулаќим Адеми, министер за образование и наука.
Покрај другите активности, во рамките на караванот Еразмус плус ќе се организираат два ECVET семинари, конференции во Скопје, Валоризациона конференција во Скопје, АТОК семинар во Скопје, обуки за волонтери кои ќе се одржат во Скопје, е-Твиниг семинар во Охрид, ЕВРИДИКА конференција и ЕУРОПАС семинар.