Нови инвестиции од лесна индустрија во Велес

20

Veles-5 Велес располага со повеќе локации и капацитети кои можат да се искористат и да се понудат на странски инвеститори. Во тек се разговори со нови странски компании кои се заинтересирани да инвестираат во овој регион.
Ова го истакна министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак на средбата со градоначалникот на Општината Славчо Чадиев, која беше со цел да се разгледаат можностите да се стават во употреба некои од постоечките капацитети.
“Моментално работиме да привлечеме фирми од автомобилскиот и производствениот сектор. Имаме повеќе проекти на кои работиме. Општината Велес има повеќе локации и неискористени капацитети кои можат да се искористат во зависност од параметрите на заинтересираните инвеститори”, потенцираше министерот Самак.
Чадиев посочи дека како и досега, така и понатаму ќе продолжи да се реализира одличната соработка со Владата во насока на привлекување странските инвеститори од областа на лесната индустрија која нема да има последици по животната средина.
“Повторно мапиравме одредени зони и можности каде што во иднина би можеле да привлечеме некој заинтересиран инвеститор. За нас како општина најважна е економијата и се надеваме дека во текот на оваа или следната година да привлечеме нов инвеститор на територијата на општина Велес”, рече градоначалникот Чадиев.
Министерот посети и неколку индустриски капацитети, како и локацијата на која германската фирма Маркард ќе гради погон вреден 35 милиони евра, а во кој според најавите првично ќе се вработат околу 600 работници.