Нови инвестиции во рударството во Македонија

24

Министерството за економија првпат преку електронско наддавање додели 26 локации за детални геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини. Вкупниот приход, што инвеститорите треба да го уплатат во рок од 30 дена е 35 милиони денари, од кои 27 милиони денари се за општините.
Министерот за економија Ваљон Сарачини рече дека со доделување на 26 локации, во следните пет години се очекува да бидат инвестирани 700 милиони денари, но и да се отворат околу 150 нови работни места, имајќи предвид дека за една концесија се отвораат четири нови работни места.
“Согласно измените на Законот за минерални суровини, со проспекциските геолошки истражувања, се дава можност да се доделат големи простори до 5.000 метри квадратни, кои концесионерите може да ги истражуваат на начин на кој ќе се добијат проспекциски сознанија за постоење резерви на конкретна на минерална суровини на тие простори”, посочи Сарачини.
Како најатрактивни, Сарачини ги вброи локациите за истражување на металични минерални суровини, злато, сребро и бакар, но и локациите за истражување и експлоатација на неметалични минерални суровини, како и за украсен камен како што се за гранит, мермер и други.
Според него, овие истражувања се особено применливи доколку се сака да се добијат податоци за присуство на нафта и други видови на енергетски и минерални суровини, но и се многу значајни и за истражувањета на металични минерални суровини.
“По завршување на проспекциските истражувања, концесионерот има право да поднесе барање за доделување концесии за детални геолошки истражувања за најмногу до 2,5% од доделената површина за проспекциски истражувања. Министерството за економија останува и натаму фокусирано на секторот минерални суровини. И во 2014 година, со спроведување на реформите во секторот рударство, се очекува да дојде до подобрување на целокупната економска ситуација на Македонија, што значи отворање нови работни места и нови производни капацитети”, додаде Сарачини.