Нови подобри услови за проектот Купи куќа, купи стан

30

KUpi-kuka-kupi-stan Владата со нови законски измени ги подобрува условите за проектот Купи куќа, купи стан, а кои се однесуваат на зголемување на вкупниот приход на семејството за учество во проектот, да може да купат куќа или стан наследници на идеален дел од имот и можноста да се продаде стан и да се купи поголема куќа и да се продаде куќа да се купи поголем стан.
“Станува збор за три позначајни измени, односно се зголемува приходот со кој се дозволува учество во проектот. Досега било да се работи за поединец, било за семејство, вкупниот месечен приход беше 900 евра, сега за брачна заедница вкупниот приход е 1.300 евра, при што за поединец останува приходот од 900 евра. Притоа, под приходот се подразбира само приходот од плата, а не дополнителни надоместоци”, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Тој додаде дека другата измена е да може да аплицираат лица кои наследиле половина или помалку од половина од имот.
“На пример два браќа или сестри кои наследиле куќа досега не можеа да учествуваат во проектот. Се бараше да склучи претходно договор, да се усогласат за условите, така што одеше тешко и фактички не можеа да учествуваат во проектот. Сега им даваме можност лица кои по основ на наследство стекнале идеална половина или помалку од половина да можат да учествуваат во проектот и да не мора да го продаваат својот дел претходно”, истакна министерот.
Во однос на третата измена рече дека досега за проектот можеа да аплицираат лица кои сакаат да го продадат станот и да купат поголем стан или куќа да ја заменат за поголема куќа. Со најновите измени, како што додаде, ќе може да се направи и замена стан за поголема куќа или куќа за поголем стан.
Со новите измени на проектот им се излегува во пресрет на граѓаните, и произлегуваат од практиката, односно решаваат одредени ситуации со цел да се подобрат условите за проектот и второ да се овозможи поголем број граѓани да се вклучат во проектот.
Ставрески потсети дека со претходни измени се овозможи учество на лица кои сакаат да направат надградба на куќа со тоа што ќе им се пренесе правото на градба на оној што аплицирал за субвенционираниот кредит.
“Тоа се најкрупни измени кои веруваме дека ќе им излезат во пресрет на граѓаните и ќе им бидат од корист и дека сите оние кои беа заинтересирани меѓутоа заради тоа што условите беа поинакви во тој дел не можеа да учествуваат”, изјави Ставрески.
Информира дека досега проектот наидува на голем интерес од граѓаните. Имаме доделено 243 одобрени барања со вкупен износ од 1,5 милиони евра субвенции од страна на државата. Најмногу итнерес има во Скопје во општините Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, потоа Струмица, Битола, Прилеп, Куманово и Гевгелија.
“Очекувам со овие дополнителни погодности за граѓаните да се зголеми бројот на семејствата што ќе го решат прашањето на сопствен дом со овој проект”, изјави министерот Ставрески во врска со новите измени на Законот за субвенционирани станбени кредити.
Останатите правила за користење на субвенционираниот кредит остануваат исти. Има два модели за кои граѓаните може да аплицираат, Рата и Учество. Државата плаќа 50% од месечната рата за кредит за стан или 75% за кредит за куќа, или пак дава 50% од учеството за купување на стан или 75% од учеството за купување, градење, надградување или доградување на куќа. Така граѓаните можат да добијат до 10.000 евра неповратни средства при купување на стан или до 15.000 евра неповратни средства при купување, градење, доградување или надградување на куќа.
Каматата за кредитите исто така останува една од најповолните на пазарот. Кај моделот Рата за првите три години каматата изнесува 4,99%, додека следните две 5,5%. Кај моделот Учество каматната стапка за цело време на исплата е 4,5% плус еурибор. Само по основ на камати граѓаните кои аплицирале за Купи куќа, купи стан ќе заштедат 2.000-3.000 евра.
Апликации за проектот се поднесуваат до една од осумте деловни банки кои учествуваат во Купи куќа, купи стан, односно НЛБ Тутунска, Стопанска банка – Скопје, Стопанска банка – Битола, Шпаркасе, Охридска банка, Прокредит банка, ТТК и Алфа банка.